Петков: Решени сме иднината на Македонија и Албанија да биде во ЕУ

Кирил Петков, премиер на Бугарија/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Петков беше во Вашингтон каде што разговарал со државниот секретар на САД. Стејт департментот објави дека по разговорот Блинкен „ја нагласил важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“.

Со нова доза оптимизам се засилија претпоставките дека сепак е можно до јуни Бугарија да го тргне ветото и да овозможи Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, по изјавите на премиерот на Бугарија Кирил Петков и на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Петков даде интервју за романската телевизија „Диги 24“, во кое новинарката констатираше дека неговата влада направи чекор напред во ситуацијата со Северна Македонија. Бидејќи Бугарија две години ја блокираше оваа земја за почеток на преговорите со ЕУ и вие направивте компромис со владата во Скопје. Дали овој компромис е долгорочен или нешто може да се промени ако „исчезне“ вашата влада?, го праша новинарката.

„Не можам да бидам одговорен за ништо ако мојата влада „исчезне“. Ако мојата влада опстане, а на тоа работам секојдневно, решени сме дека ЕУ-иднината на Северна Македонија и на Албанија е таму, треба да биде таму. Тоа е добро за регионот. Секако, има работи кои сè уште треба да се направат и треба да работиме напорно за да ги постигнеме. Ги знаеме пречките и проблемите што треба да се решат, сега само треба да се решат. Освен за тоа, јас не можам да бидам одговорен за друго во иднина, одговори Петков.“

Тој деновиве беше во посета на САД каде што разговарал со државниот секретар на САД. Стејт департментот објави дека по разговорот Блинкен „ја нагласил важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс соопшти дека двајцата лидери ја потврдиле заедничката визија за трансатлантските односи. Тие разговарале за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот на Западен Балкан, за модернизација на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.

Македонската влада денеска соопшти дека земјава има поддршка од европските партнери, кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите и дека таа го продолжува дијалогот со Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение што ќе го крене ветото.

Владата го оцени предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон како одлична можност за поврзување на ЕУ со земјите како Украина, Молдавија и Грузија за да не се чека тие да ги исполнат критериумите да станат земји кандидатки и да влезат во преговори со ЕУ. Што се однесува до нашава земја, Владата порача дека ние ја имаме целосната поддршка за почнување преговори.

Идејата за Европска политичка заедница Макрон ја кажа во својот говор на 9 Мај – Денот на Европа. Оваа организација, според него, ќе ѝ овозможи на Украина и на други земји што не се во ЕУ да имаат поблиски односи со ЕУ, а тука тој ја спомена и Велика Британија, која излезе од блокот.

Арсовски: Петков може да падне ако нè деблокира, но тоа долгорочно ќе му се исплати политички

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот