АПЕММ: Да се дефинираат строги правила за дистрибуција на финансии за кампањи од јавен интерес

Фото: mia.mk

Сметаме дека директна помош на медиумите, без натпревар и без контрола и правила за дистрибуција на финансии, ќе значат дисторзија на пазарот, па според тоа, во ваквата поставеност, не ја одобруваме промената на членот 102 од Законот за АВМУ, соопшти денеска Асоцијацијата на приватни електронски медиуми (АПЕММ).

– Единствената можна отстапка од пропишаното со законот во член 102, е само доколку се дефинираат строги правила на дистрибуција, преку натпревар, дефинирани цени и достапност на сите медиуми до ваквите кампањи. При тоа, мора да постои одредено тело што ќе го гарантира јавниот интерес од вакви кампањи, а намената на овие спотови да биде тематска, како што е на пример вакцинација од ковид 19, едукација за попис и сл. Во развиените медиумски пазари, секој радиодифузер, со добивање на дозволата за работа, се обврзува на емитување соопштенија и спотови од јавен интерес (кампањи од јавен интререс). Во пракса, секој субјект е обврзан да отстапи одреден број на секунди, што е предвидено со т.н. фонд за медиуми, преку дистрибуција на вакви содржини до јавноста, за што, за возврат добива бенифицирана лиценца, се наведува во соопштението.

АПЕММ истакна дека има доставено предлог проект до Владата за основање на Фонд за медиуми, што го опфаќа и прашањето на кампањи од јавен интерес, преку промоција на спотови, како и обезбедување на транспарентност на општините и другите јавни институции.

– Ова што Владата го предлага, го оценуваме само како преодна фаза кон фондот за медиуми, кој што мора да биде поставен како независен субјект, своевиден филтер помеѓу извршната власт и медиумите, без да се има можност на директно договарање на јавните институции, Владата и општините со медиумите, наведуваат од АПЕММ.

Асоцијацијата потсетува дека вакви фондови постојат секаде во регионот, функционираат по пат на натпревар и учествуваат во домашната продукција на програми, при што Фондот за медиуми ги задоволува потребите на локалните, на регионалните и на националните медиуми.

–  Проектот за фондот за медиуми е превенција од повторување на праксата од минатото, кога се случија два упада на пазарот, а тоа беа проектите од јавен интерес преку Советот за радиодифузија, каде што АПЕММ организираше штрајк за да се прекине корупцијата во медиумите. Вториот беше за време на Владата на Груевски, со трошење на огромни пари кон провладините медиуми и отворање на партиски фантомски медиуми кои издржаа само 120 дена по падот на Владата. Сега, се случи понов упад во пазарот со  дистрибуцијата на пари преку Државната изборна комисија (ДИК), која сама одредува цени, еднакви за сите, назвисно дали се национални и локални, непочитувајќи ги правилата за одредување на цена на основа на  позицијата на медиумот, слушаноста, големината и сл.  Овој однос внесе нова дисторзија на пазарот,  со вбризгување на огромни пари, главно во петте национални телевизии, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот