Антикорупциска бара СОЗР да го раскине закупот за Иванов во Џевахир

Антикорупционерите побараа од Службите за општи и заеднички работи да го раскинат договорот за закуп за канцеларии на поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов. Месечната кирија е висока за републичкиот буџет, сметаат антикорупционерите. За канцелариите на Иванов од државната каса секој месец се плаќа 4.500 евра. Од СОЗР бараат на поранешниот претседател да му се доделат државни канцеларии. Меѓудругото, антикорупционерите забележале дека целата оваа постапка била нетранспарентна.

– Претседателот има право на канцелариски простор, без прецизирање дека канцеларискиот простор треба да биде земен под закуп за што претходно треба да се спроведе постапка за избор на канцелариски простор со економски најповолна цена. Со начинот на кој е дефиниран законот, не е исклучена можноста на поранешните претседатели да им се доделува канцелариски простор којшто е во сопственост на државата, без претходно да се плаќа закупнина. Канцеларискиот простор е обезбеден во нетранспарентна постапка од лице кое е во блиски релации со корисникот на просторот, со што на сопственикот на просторот му се овозможува стекнување на финансиска корист, што е спротивно на закон – изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска.

Откако на Иванов му заврши мандатот закупи канцеларии во зградата на Џеваир  од 274 метри квадратни. Освен месечната кирија од 1.950 евра, за поранешниот претседател  се исплаќаат и плати за тројца вработени, се подмируваат комуналните сметки, му следува службено возило и возач чие комплетно одржување се плаќа од Буџетот, а претседателот има пензија во висина од месечната плата. Овие привилегии важат доживотно.

ДКСК заклучи и дека треба да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на законот, но и да се поднесе автентично толкување на законот во делот на ограничувањето на привилегиите на поранешните претседатели.

Досега од државниот буџет за закуп на канцеларии за поранешни функционери се потрошени повеќе од еден милион евра, без месечните примања на експретседателите и нивните семејства.

– За сиромашна земја како што е нашата, привилегиите на поранешните претседатели е луксуз кој треба да се преиспита. Во ниту една држава не најдовме ваков пример. Овој луксуз доаѓа до израз во споредба со соседството. Во Црна Гора и Хрватска поранешните претседатели имаат 5 години надомест по завршувањето на нивниот мандат. Во Србија 6 месеци, а во Словенија најмногу до една година – изјави Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот