Анкета: Довербата во Макрон и Меркел расте, во Џонсон се намалува

Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA / POOL

Поголем процент на луѓе гледаат позитивно на Европската унија отколку оние кои имаат негативно мислење. Позитивните чувства во Велика Британија, кои го напуштија блокот во јануари, се на рекордно високо ниво, се нагласува во анкета на Центарот за истражување Пју.

Анкетата покажува дека во осум земји-членки, повеќе од половина од испитаниците се уверени дека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја направат вистинската работа, но далеку помалку покажуваат таква доверба во Борис Џонсон.

Истражувањето во Белгија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и Шведска, спроведено од средината на јуни до крајот на јули, помеѓу првиот и вториот бран на коронавирусот, покажа дека 66 отсто од испитаниците ја одобруваат Европската унија.

Позитивниот рејтинг е стабилен или повисок во скоро сите земји, од 58 отсто во Италија до 73 отсто во Германија, што е највисоко ниво од истражувањето во 2004 година. Шеесет отсто од Британците гледаат на Заедницата позитивно, што претставува зголемување од шест отсто во однос на минатата година и историски врв во анкетите на агенцијата.

Повеќе од половина од испитаниците во скоро секоја земја-членка на ЕУ се сигурни во раководството на Меркел и Макрон дека ја прават вистинската работа во светските работи.

Довербата во раководството на Меркел значително се зголеми во Германија (за 7 отсто), Холандија (за 6 отсто) и Италија (за 6 отсто) од минатата година. Шпанија е на историски врв.

Довербата во Макрон исто така се зголеми во минатата година во Италија (за 9 отсто), Шведска (за 6 отсто) и Велика Британија (за 9 отсто). Сепак, довербата во Борис Џонсон е особено мала – 36 отсто веруваат дека тој ќе ја направи вистинската работа во светските процеси. Дури и во Велика Британија, довербата во Џонсон (51 отсто) е помала отколку кај Макрон (64 отсто) и Меркел (76 отсто).

Студијата, исто така, покажува поларизација во Велика Британија – 71 отсто од Британците на возраст меѓу 18 и 29 години гледаат на блокот позитивно во споредба со 49 отсто од оние над 50 години.

Шеесет и еден отсто од испитаниците во истражувањето веруваат дека ЕУ добро се справува со кризата со коронавирусот. Највисоки одобрувања има во Германија и Холандија, каде 68 проценти ги одобруваат напорите на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот