Андов: Не е добро Курти да прави партија во Македонија

Албин Курти / Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Политиката на Косово, под водство на новиот премиер Албин Курти и новата претседателка Вјоса Османи, во односите со Македонија не треба да се менува зашто двете соседни земји досега имаа добри односи и таквиот тренд треба да продолжи, укажуваат аналитичари и поранешни политичари.

Поранешниот претседател на Собранието и познавач на политичките случувања во регионот, Стојан Андов, вели дека Курти внел некои новини кои можат да бидат загрижувачки.

– Ние имаме добри односи со Косово. Курти внесе некои нови работи во политиката, кои може да внесат немир во односите. Ова носи штета двострано. Треба да ги продолжи досегашните односи, кои се негува меѓу двете земји и пред тој да дојде. Треба да се држи на она што било долго време со Косово. Ние многу рано ја признавме независноста на Косово, меѓу првите. Тоа тој треба да го знае. Имаме и договор за границите и други слични потпишани договори. Треба да води сметка и за тоа – вели Андов за „Слободен печат“.

За најавите дека партијата на Курти „Самоопределување“ ќе делува во Македонија, Андов смета дека треба да се откаже од таа намера, бидејќи токму тоа ќе го смени текот на настаните во односите меѓу двете земји.

– Не треба да отвора партија во Македонија. Треба да се воздржи од тоа. Тој се обидува некои работи да прави овде, гледам го прави тоа преку Села, но тоа не му чини – укажува Андов.

Поранешниот министер за правда на Македонија, Џевдет Насуфи, не очекува дека по промената на власта на Косово ќе дојде до промена во надворешната политика во однос на Северна Македонија. Тој сепак додава дека има изјави на косовски политички лидери, кои упатуваат  незадоволство кон лидерите на Албанците во Македонија.

– Изјавите на  лидерите на движењето „Самоопределување“ дека не се задоволни од состојбата на Албанците во Македонија, првенствено се однесува на партите на Албанците во Македонија кои толку години не се во можност интензивно, со интензивно толкување, да го спроведат Охридскиот договор. Косово, предводено од владата на Курти, нема да ја смени надворешната политика во регионот или во меѓународните односи, но ќе го рационализира многу повеќе отколку што е направено досега, вклучително и односот и соработката со Македонија – вели Насуфи за „Слободен печат“.

Косовскиот парламент завчера ја избра 38-годишната правничка Вјоса Османи за нов претседател на таа држава, и тоа во вториот обид. Нејзиниот претходник, Хачим Тачи, поднесе оставка поради обвинението покренато од Специјалниот трибунал за Косово во Хаг, а Османи привремено беше вршител на таа должност. Со 71 глас од вкупно 120 гласа во Парламентот завчеравечер таа е избрана за нов шеф на државата со петгодишен мандат.

По нејзиниот избор, политичарката, која меѓу другото е образувана во САД, повика на дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни. Османи има негативен став кон ветото на Бугарија за преговорите на Македонија со ЕУ. Како в.д. претседателка таа оцени дека бугарското ветото е „без преседан“, а граѓаните на Македонија „не заслужуваат да им се изрече таква казна“.

– Подолго време го следам процесот на интеграција на Западен Балкан. Не треба да имаме такви случаи, кога прашања од историска природа го блокираат напредокот на една држава кон Европската Унија. Напредокот треба да зависи од евалуација на реформите, од процената за извршувањето или исполнувањето на тие реформи – изјави Османи за косовските медиуми, лани во декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот