АНАЛИЗА| Повеќе од половина од државните приходи ќе се потрошат за социјални трансфери во 2024 година

Илустрација: Елисавета Бејкова

Во Буџетот се предвидува раст на плати, раст на пензии и на социјални трансфери, но капиталните инвестиции во однос на ребалансираниот буџет за 2023 година речиси и да не се зголемуваат, затоа што на површина излезе преамбициозното планирање. Сепак, главно прашање е и дали така планирани ќе се реализираат во наредната година?

Повеќе од половина, или точно 52 проценти, од сите собрани пари во државата каса, ќе се потрошат за социјални трансфери во кои се вбројуваат и пензиитe и здравственото осигурување. Сепак, ова е за еден процент помалку отколку што е наменето за годинава. Но, иако како релативен удел се намалуваат, социјалните трансфери како апсолутна бројка растат. Па, така, до крајот на годината треба да се реализираат 2,43 милијарди евра, додека за догодина се планираните социјални трансфери од 2,62 милијарди евра. Зголемувањето се должи на пораст на издвојувањата за пензии за 11,5 проценти, пораст на транзициските трошоци за вториот пензиски фонд за 15,3 проценти, пораст на социјални надоместоци за 15,5 проценти, како и раст на издвојувањата за здравствена заштита за 8,7 проценти, планирани врз основа на раст на плати и раст на вработеноста.

Во планираниот буџет се зголемуваат и платите. И тоа за дури 18 проценти во однос на основниот буџет за 2023 година, или 9,9 проценти во однос на последната верзија засега за 2023 година. За 2024 година во државната каса се испланирани 669 милиони евра за плати и надоместоци што се исплаќаат преку централниот буџет. Така, наредната година за плати се планираат да се потрошат 13,3 проценти од сите собрани приходи. На пример, во 2021 година, според Завршната сметка за буџетот, за плати и надоместоци се исплатени 504 милиони евра, но сепак тоа било помало во однос на приходите и изнесувало 14,2 проценти.

Расходите за стока и услуги се проектирани во износ од 411,4 милиони евра, со задржување на нивното учество од околу 7,4 проценти во структурата на вкупните расходи, односно од сè што како приход ќе се собере за нив ќе се дадат 8 проценти.

Сите овие ставки се за да се обезбеди функционирање на администрација, да се подмират пензионерите, здравственото осигурување и социјалните трансфери. Но, ако сакаме да имаме развој, како што велат и економистите, треба нешто да се инвестира. За капитални расходи се планирани речиси 733 милиони евра. Она што паѓа во очи е дека за разлика од порано, сега имаме пад на планираните капитални инвестиции во однос на овогодишниот основен буџет за 7,6 проценти, или речиси се на исто ниво со оние што се препланираа за годинава.

И за наредната година е запазено златното правило за кое постојано зборува министерот за финансии Фатмир Бесими, планираниот минус да биде помал од вкупно планираните капитални инвестиции. Така, буџетскиот дефицит во 2024 ќе изнесува 577 милиони евра, или барем според планот, со сопствени сили треба да обезбедиме 189 милиони евра за патишта, школи, енергетски проекти, канализации…

Илустрација: Елисавета Бејкова

Но, клучното прашање е што од ова ќе се оствари? „Слободен печат“ во изминативе денови разговараше со повеќемина експерти со долгогодишно искуство. Генералниот заклучок е дека тешко ќе се остварат планираните приходи во касата. Тие се планирани на околу 5 милијарди евра.

Вкупните даночни приходи во Буџетот за 2024 година, кои ги опфаќаат приходите по основ на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи и сопствените приходи на буџетските корисници, се проектирани во износ од 2,9 милијарди евра, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Тие треба да учествуваат со 18,1 процент во бруто-домашниот производ за 2024 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година.

Но, еве каква е состојбата во моментов. Од почетокот на годинава до 22 ноември се собрани 3,95 милијарди евра, или 86,18 проценти од планираните приходи за цела 2023 година, па прашање е дали ќе се реализираат уште 630 милиони евра, или уште 14 проценти за да се исполни планот за собрани 4,58 милијарди евра.
Она што секогаш ги загрижува економистите е реализацијата на капиталните инвестиции, односно на развојната компонента на Буџетот. Капиталните расходи за годинава, до 22 ноември се реализирани во износ од 513 милиони евра или одвај 70,2 проценти, но со оглед на тоа што плаќањата обично се вршат на крај на годината, очекувано е подобрување на тој процент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот