Амбер Херд во нови проблеми: Осигурителната компанија одбива да ѝ ги плати судските трошоци
Амбер Херд се соочува со нова правна битка откако нејзината осигурителна компанија одби да ѝ исплати 1 милион долари за да ги покрие судските трошоците во случајот против нејзиниот поранешен сопруг, актерот Џони Деп.
Осигурителната компанија „New York Marine and General Insurance Co.“ во петокот поднела тужба против актерката пред федералниот суд, велејќи дека сметаат дека не треба ништо да ѝ исплатат бидејќи поразот во случајот за клевета што го покрена против неа нејзиниот поранешен сопруг бил резултат на нејзините постапки.
Да потсетиме, во 2019 година, Деп побара отштета од 50 милиони долари од неговата поранешна сопруга поради нејзиниот напис во „Вашингтон пост“ во декември 2018 година, во кој таа тврдеше дека била жртва на семејно насилство. Иако во текстот не го именуваше Деп, актерот на суд тврдеше дека е јасно дека станува збор за него. Минатиот месец, на Деп му беа доделени повеќе од 10 милиони долари отштета за клевета по шестнеделно судење.
Осигурителната компанија тврди дека според полисата тие се обврзани да му исплатат на осигуреникот само ако осигуреникот сам не ја предизвикал штетата, повикувајќи се на законот во Калифорнија дека осигурителната компанија „не е одговорна за загубите што произлегуваат од свесен чин на осигуреникот“.