Аман Николовски, немојте да помагате

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Го читам Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ и се смеам. Замислете, „ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да помогне за доброто на Македонија“. Хахахахаха! Аман не и помагајте на Македонија.

Овие од ВМРО-ДПМНЕ, ај што имаат колективна амнезија во партијата, зарем мислат дека и народот го заборавил нивното десетгодишно владеење? Зарем мислат дека народот заборави на режимот на Груевски? А токму Николовски беше дел од тој режим. Николовски беше дел од гарнитурата на Груевски која жареше и палеше во Македонија без око да и трепне. Народот имаше можност преку „бомбите“ да слушне како тие пајташи се однесуваа кон Македонија како да е нивна своина. Народот слушна и не заборави.

И сега Николовски ќе зборува за некаква помош и некакво назадување на државата? Македонија вчера не добила датум за преговори и готово пропаднавме. Ете тоа е нивната теза. А тоа што пропаѓавме десет години додека беа на власт, тоа пу пу не важи. Тоа што ја назадија Македонија и дозволија да дојдеме до ова дереџе и тоа не важи.

Замислете, Николовски вика дека здравството ни било пропаднато. Филипче да не го пропадна случајно? Или Таравари кој кога влегол во овој ресор се фатил за глава? Здравството не пропадна во последните две години. Тоа е одамна пропаднато. Или можеби заборавивте на вашиот „министер за смрт“ како што го нарекуваа, Никола Тодоров?

Николовски вика корупцијата и непотизмот цветале како никогаш досега. Хахахаха. Во времето на Груевски корупција немаше?! Непотизам немаше?! Па братучедот на премиерот беше директор на УБК и прислушуваше и рекетираше се живо и диво. Тоа го дознавме од „бомбите“, иако беше јавна тајна.

Во СДСМ биле арогантни? Вие во ВМРО-ДПМНЕ не бевте? Во СДСМ барем има и совесни кои поднесоа оставки од функции под притисок на јавноста. Нешто што не можевме да го видиме во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Во времето на Груевски гледавме само мелодрами и лажни жалопојки од министри кои наводно поднесуваа оставки од морални причини, ама вождот не им ги прифаќаше.

Она што ВМРО-ДПМНЕ го направи беше само јакнење на национализмот и верската нетрпеливост во државата, го подели општетсвото како никогаш досега, не скара со сите пријатели, на надворешен план не изолира и сега сака да и помогне на државата? Како?

Николовски беше дел од партијата која владееше 10 години. Зошто тогаш не му рече на својот шеф да подзакочи малку па да му помогне на него да ја оправи државата? Или полесно е сега од опозиција да се зборува и критикува.

Оваа власт како така успеа да стави крај на долгогодишниот спор со Грција. Тоа што никој немаше храброст да го направи, го направи Заев. Оваа власт успеа да не врати на европскиот колосек. И тоа е факт. А ВМРО-ДПМНЕ подобро нека не и помага на државата, туку прво нека си помогне самата на себе. Нека се исчисти од бившите кадри и нека ги зајакне своите редови, а потоа со солидна програма нека излезе на избори кога ќе дојде ред за тоа и нека ја бара довербата од народот.

Е тогаш ќе видиме кој што прави и нуди за Македонија, па ќе одлучиме.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот