Александар Гаџевски: Имам просек 8.9 од Медицински факултет, ама не ми го признаваат образованието

ГОБ „8 Септември“, Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Александар Гаџевски, медицински техничар на Клиниката за психијатрија во Скопје, за „Слободен печат“ вели дека иако има дипломирано пред година и половина на Медицинскиот факултет со висок просек, уште чека установата во која работи да му го признае високото образование.

Како што пишувавме неодамна и медицински сестри од ГОБ 8 Септември се на истите маки, бидејќи и нивното високо образование не им е признаено, за да не земат повисока плата.

-Имам просек 8.9. Имам завршено средно медицинско во „Панче Караѓозов“ и висока школа на Медицинскиот факултет во Скопје. Колегата има просек над 9. Двајцата работиме во здравството, јас повеќе од 20 години, а колегата 30 години. Пред 18 месеци поднесов уверение за завршено високо образование, а колегата тоа го стори пред 16 месеци. Потоа поднесовме барање до Управниот одбор и донесоа нова систематизација. Ни рекоа дека треба да помине во Министерството за информатичко општество, па после не известија дека таму ни се загубил предметот, па пак го вратиле на почеток и ни рекоа да си чекаме. Ако ни се признае високото образование ќе добиеме 6 илјади денари зголемување на плата и секое мое дежурство кое сега се плаќа 500 денари ќе се плаќа 700 денари. Прашувам јавно зошто оваа процедура е закочена и каде, вели Гаџевски за „Слободен печат“.

Директорот на Клиниката за психијатрија доктор Стојан Бајрактаров вели дека има нова систематизација и процедура.

-Ќе бидат унапредени, ама мора со процедура, не може да се смени процедурата. Тоа е долга процедура, има правилник, па треба да помине во министерството за информатичко општество, не е баш едноставно. Треба и да се отвори место за кадри со високо образование, не може ако 30 луѓе дипломираат психологија 30 психолози да има. Потребите на установата се тие, но за двата случаи што ги споменувате процедурата е почната, вели директорот Бајрактаров за „Слободен печат“.

На 11 медицински сестри од ГОБ 8 Септември не им го признаваат факултетот, за да не земат повисока плата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот