Албанската опозиција најави блокада на изборите

Меџити, Касами, Гаши, Фото: Фејсбук Изет Меџити

Можни се протести пред Парламентот. На денот на изборите ќе ги блокираме гласачките места во Тетово, Чаир, Желино… Ако бидеме покреативни, може нема да дозволиме и воопшто да се гласа, изјави за „Слободен печат“ лидерот на ЕСП, Изет Меџити, незадоволен што нивниот предложен кандидат уште не е назначен во ДИК

Додека претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со координаторите од власта, го стокми роковникот за неговата и оставката на премиерот Димитар Ковачевски и избор на техничката влада, опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) најави блокада на речиси половина избирачки места ако нивниот кандидат не биде избран за нов член на ДИК. Ова ќе значи дека на претседателските и на парламентарните избори, гласачите од Шестата и Втората, и делумно од Првата и Петтата изборна единица, ќе немаат пристап до гласачките места.

Како што за „Слободен печат“ вели лидерот на ЕСП, Изет Меџити, може ќе бидат „покреативни“ и нема да дозволат никој да гласа. Тоа, пак, ќе значи блокада на двата изборни циклуси, односно фијаско на претседателските и парламентарните избори.

ЕСП денеска, токму со отсуството од средбата на Џафери со координаторите на пратеничките групи го почна најавениот бојкот на Собранието поради незадоволството што Државната изборна комисија (ДИК) не се пополнува со кандидатот што го предложи албанската опозиција. Според Меџити, тие што се нарекуваат „Европски фронт“ со неизборот на кандидатот на ЕСП за член на ДИК веќе се занимаваат со фалсификат на изборите.

– Бидејќи немаат поддршка кај народот, спремни се да ги фалсификуваат изборите. Нема да дозволиме такво сценарио. Ќе ги искористиме сите демократски средства да го спречиме тоа. Џафери, ако сака да го избере кандидатот на Алијанса за Албанците во ДИК, требаше на Алијанса, а не на Аријанит Хоџа, да им каже да предложат кандидат. Денеска, со отсуството од координацијата кај Џафери, го почнавме бојкотот на Собранието. Можни се протести пред Парламентот. На денот на изборите ќе ги блокираме гласачките места во Тетово, Чаир, Желино… Ако бидеме покреативни, може нема да дозволиме и воопшто да се гласа. Ќе поведеме иницијатива пред Уставен суд и ќе поднесеме кривична пријава против Џафери за злоупотреба на функцијата. Без член во ДИК, кој според Изборниот законик ни припаѓа нам, на албанската опозиција, ќе немаме членови во избирачките одбори, ќе немаме медиумска застапеност, едноставно, сакаат да не елиминираат, но тоа нема да го дозволиме – вели Меџити.

На координацијата кај Џафери ни збор за комплетирањето на ДИК

Од друга страна, власта веќе испланира неделата по Водици, односно од 22 до 28 јануари, Собранието да ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Парламентот, Талат Џафери, како и изборот на техничката влада.

На координацијата не станало збор за комплетирање на ДИК.
Доекипирањето на ДИК заглави во Комисијата за избори и именувања, бидејќи за член на највисокиот изборен орган се предложени двајца кандидати, и тоа Абдуш Демири од ЕСП и Зулфи Адили од Алијанса, поддржан од партијата на Аријанит Хоџа. Нема информации дали и кога комисиската расправа ќе продолжи, бидејќи ниту еден од кандидатите нема поддршка од двотретинско мнозинство. Најизгледна е варијантата ДИК да ги спроведе изборите во нецелосен состав, што е неприфатливо за ЕСП.
ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека треба да се почитува Изборниот законик и местото во ДИК да ѝ припадне на албанската опозиција. СДСМ не се изјаснуваат дали има договор за поддршка на кандидатот на нивниот партнер во Владата, Алијанса, кој, пак, е поддржан од Хоџа. Ова ја доведува во прашање поддршката на Алијанса за техничката влада, за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе се изјасни дека ќе партиципираат, но нема да ја гласааат.
Ако Алијанса оди на варијатата да го задржат местото во ДИК, а не добијат поддршка, тогаш виси изборот на техничката влада за која се потребни 61 глас, бидејќи нема да гласаат ВМРО-ДПМНЕ (44 пратеника), Алијанса (8), ЕСП (6), Левица (2) и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз што вкупно изнесува 61 пратеник.

Утврден роковникот на активности во Собранието

Според информации од Собранието, од 22 до 28 јануари ќе следат три собраниски седници, и тоа на 24 јануари или на 25 јануари прво ќе има пленарна седница, на која ќе се констатираат оставките на претседателот на Собранието Џафери и на премиерот Димитар Ковачевски и ќе следи избор на новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ.
Потоа, за оставката на премиерот ќе биде информиран шефот на државата Стево Пендаровски, кој ќе треба да го додели мандатот за технички премиер, кој според договорот помеѓу владините партнери СДСМ и ДУИ, треба да биде Талат Џафери. На втората пленарка, односно на 27 јануари ќе треба да почне седницата за избор на техничката влада, односно министрите и дополнителните заменик-министри во Владата на техничкиот премиер Џафери која треба да се гласа на 28 јануари. Според најавите, ќе нема промена на министрите од СДСМ и од ДУИ, а очекувањата се ВМРО-ДПМНЕ в четврток да ги соопшти нивните кадри за технички министри во МВР и во Министерството за труд и социјала. За МВР веќе се најавува дека ќе го раководи Наќе Чулев. На третата пленарна седница ќе биде избран нов пратеник на местото на Џафери, а тоа ќе биде Муса Ибраими. На таа седница ќе бидат избрани и замениците министри во техничката влада.

Од Собранието информираат дека до крајот на мандатот на актуелниот собраниски состав ќе нема седница за пратенички прашања. Првата седница за пратенички прашања новиот парламентарен состав ќе ја одржи по 100 дена мандат на новата владата, избрана на парламентарните избори кои се закажани за 8 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот