Албанска паралелка во Чашка: Директорката ги пријави за малтретирање родителите што протестираа

Тројца од присутните на вчерашните протести пред ОУ „Тодор Јанев“ во општина Чашка, денеска беа на информативен разговор од полициска станица. Директорката на училиштето Елена Николова ги пријавила за физичко и вербално малтретирање откако вчера таа со полициски кордон едвај успеа да влезе во училиштето.

Трета недела таму жителите протестираат и не им даваат на своите деца да одат на настава зашто тврдат дека албанската паралелка е отворена незаконски. Директорката Николова не одговори на телефонските повици и пораките на „Слободен печат“ за нејзина изјава околу случајот. Неофицијално таа вчера си заминала од училиштето со возило на итната помош. Според неофицијални и непотврдени информации на „Слободен печат“ Државниот инспекторат за труд го поништил решението за вработување на наставникот кој требаше да им предава на четирите деца во албанската паралелка. Официјално прашавме во ДИТ дали е тоа точно, но оттаму молк.

Цвета Пешевска, претседател на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка каде трета недела родителите се собираат пред училиштето и протестираат против тоа што, како што велат, незаконски била формирана паралелка на албански јазик во која треба да учат 4 ученици, за „Слободен печат“ вели дека проблемот не е во самото формирање на паралелката, туку во тоа што се прекршени процедурите и на мала врата се направил обид да се прекршат законите.

– Како претседател на Советот на родители, целата работа ја почнавме правно. Имаме правен тим, односно адвокати кои ја вршат работата. Организатор на протестот е населението, а ние сме на улица во нивна поддршка.  Проблемот е во тоа што МОН за време на летниот распуст ги презема ингеренциите врз училиштето од општината и го прескокна училишниот одбор и си назначи в.д. директор. Меѓутоа, во законот убаво стои дека се назначува прво училишен одбор кој има мандат една година, па преку тој училишен одбор се назначува в.д. директор кој ќе биде на функција 6 месеци. Но, од старт тука училишниот одбор е прескокнат. После тоа се објавија огласи за вработување без училишен одбор. Се смени систематизацијата на училиштето без училишен одбор. На крајот на сето ова, се отвари албанската паралелка без училишен одбор и со тоа е прекршен статутот на училиштето, изјави Пешевска за „Слободен печат“.

Таа додава дека во училиштето има 200 ученици, а во албанската паралелка треба да учат четири.

– Внесени се тие 4 дечиња во главна книга, т.е. во дневник со првачињата од македонска националност. Оттаму ги извадија за да формираат албанска паралелка и сега се внесени во тој дневник, но без број на главна книга. Паралелката си функционира, но правно не е впишана никаде, значи не постои. Ова е сосема погрешна слика што се претставува дека „има паралелка“ и дека образовен процес во „ОУ Тодор Јанев“ во Чашка има. Нема! Паралелката беше отворена само за да се направи дефокус од главниот проблем. Затоа што ние кога го известивме училиштето, во известувањето убаво стои дека проблемот е незаконското работење на в.д. директорката. Првиот ден на бојкотот, министерот за образование објави дека била отворена албанска паралелка во Чашка. Тоа беше со намера да се направи дефокус на главниот проблем. Како што можете да забележите дека и ден денеска се става акцент на тоа дека луѓето што протестираат пред училиштето, протестираат „против албанската паралелка“ што не е точно. Протестираат против беззаконието со кое е формирана албанската паралелка, додаде Пешевска.

Јавноста вчера сведочеше на тензии пред училиштето во моментот кога директорката беше дочекана од револтирани граѓани и таа мораше да влезе во зградата со полициски кордон. Родителите ја бојкотираат работата на училиштето трета недела.

-Вчера имаше околу 50 луѓе. Страшно беше. Полиција премногу, непотребна. Дури и од страна на директорката ни беше кажано, „ќе видите, ќе донесам полиција од Велес“. Некој ги вика дечињата од албанската паралелка за да седат во дворот и да се прикаже слика дека ние нив ги малтретираме што не е точно. Дечињата си доаѓаат, даден им е простор да влезат, не се должни да мрзнат надвор. За голем одмор си излегуваат, купуваат јадење и пак си влегуваат внатре. И за на крај нам да ни биде кажано дека ќе ни покренеле обвинение за булинг врз деца. Од страна на директорката се вршат секакви притисоци врз нас, а исто и врз вработените. Кога бевме на средба со министерот еден од вработените се дрзна, собра храброст да каже дека му се врши мобинг, на што доби одговор – не сум јас институција каде што треба да се обратите за тоа. Односот е страшен. Вчера беше тензично, директорката бара да ѝ се направи кордон од полиција за да влезе. Тргна низ кордонот да влегува, имаше туркање. Па се обиде да се врати, но не ѝ беше дозволено, пак од полицијата. И на крај, откако си влезе во училиштето за 20 минути добивме информација дека повикала брза помош и дека не ѝ е добро, додаде Пешевска.

Градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски вели дека како градоначалник секое дете согласно Уставот треба да учи на својот мајчин јазик, но тоа мора да биде во рамките на законските регулативи.

-Како градоначалник на Општина Чашка сметам дека секое дете согласно Уставот во Република Северна Македонија треба да си учи на својот мајчин јазик. Истото го поддржувам и стојам зад тоа, но во рамките на законските регулативи. Доколку отворањето на оваа паралелка е според закон, немаме дилема. Но протестите на граѓаните кажуваат нешто друго и затоа замолувам Министерството за образование и ресорните институции да ги проверат актите и да постапат согласно Законот. Исто така, го охрабрувам МОН и министерот што побрзо да изнајдат решение со цел 150 ученици да не бидат надвор од училишните клупи како што се случува за жал повеќе од 3 недели, изјави за „Слободен печат“ градоначалникот Стојановски.

Од Министерството за образование и наука велат дека се заложуваат за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен.

Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик. Непотребно е мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите – а тоа е да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик, изјавија од МОН за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот