Албанците се неспособни!?

Постои ли навистина дискриминација на етничка основа во приватниот сектор? Ако постои и владата тоа го евидентирала, зошто тие компании не се казнети според закон? Со закон и Устав еднаквата можност при вработување е загарантирана.

Владата преку вицепремиерот Артан Груби, потоа дообјаснето од премиерот Зоран Заев објави посебна мерка (афирмативна акција) за субвенционирање на приватни компании кои ќе вработуваат припадници на другите етнички заедници. Во превод, компании раководени од Македонци да бидат субвенционирани за вработување на Албанци и други, или компании раководени од етнички Албанци да добијат субвенции за вработување Македонци и други.

Се јавија многу реакции и дискусии во јавноста, се разбира, без никакви аргументи и анализи за последиците од мерката (позитивни или негативни), без никакви статистички показатели (дури и предлагачот потфрли на овој план) и секако дека дискусијата отиде во погрешна насока за што ќе се надоврзам подоле во текстот. Најголемиот дел од дискутантите и критичарите на мерката не знаат ни што претставува ни зошто постои институтот „афирмативна акција“, но разочарувањето мое сепак доаѓа од некои поединци (дури и професори) за кои сум мислел дека се на страната на „нормалноста“ на која сметам дека и самиот припаѓам. Оваа констатација е секако субјективна, како што е субјективно моето чувство на разочараност кое не е резултат на некакви мои илузии од кои не сум можел да ја видам реалноста па сега сум увидел дека реалноста не се вклопува во моите идеални очекувања. Од друга страна, како јас ја дефинирам нормалноста и што под неа подразбирам, за некој друг не е „нормално“ затоа што тие имаат дефинирано некоја своја „нормалност“. Мојата „нормалност“ е многу едноставана, сите заедно да се бориме против секаков вид на дискриминација, да се воздигнеме над етничкото и да го пронајдеме човекот во себе, а не Албанецот или Македонецот или било која друга национална обоеност. Да се биде „голем Албанец“ или „голем Македонец“ е многу лесно, да се биде „голем човек“ очигледно за многумина многу тешко.

Институтот афирмативна акција

Институтот афирмативни акции на државата (познат и како: позитивна дискриминација; обратна дискриминација или само посебни мерки), се другиот пол на протегањето на принципот на правната еднаквост во фактички мошне нееднаквиот свет на современото граѓанско општество, каде што и со најдобри правни норми фактичката еднаквост на шансите на индивидуите во државата знаат да бидат нарушени или да бидат празно слово на хартија. Афирмативните акции, парадоксално, му служат на принципот на еднаквоста – со воведување привремена, поединечна и предметна нееднаквост во правата. На афирмативните акции може и треба да се гледа само како на инструменти во остварување на принципот на вистинска или на што поефективна (реална) правна еднаквост, за намалување на процепот меѓу „нормативното и стварното“ (Љубомир Данило Фрчковски – Меѓународно Право за Правата на Човекот).

Посебните мерки на државата или афирмативните акции се добро познати и применувани во скоро сите мултиетнички демократии, пред се наменети за јавниот, но и за приватниот сектор. Целта на овие мерки се групите (помалите етнички заедници, жените, хомосексуалците и др.) кои историски биле дискриминирани. Во јавниот сектор тие се носат преку закони, во приватниот најчесто преку финансиска стимулација, како во случајов преку субвенционирање на вработувања. Мора да се направи разлика, сепак, од субвенционирање/стимулирање и налагање, односно закон со кој на приватните компании врз основа на нивната големина и број на вработени им се наложува да вработат одреден процент на Македонци, Албанци, Турци, Роми и таканатаму. Во САД, на пример, афирмативната акција е вметната како дел од „Civil Rights Act” од 1964 година за да промовира еднаква застапеност помеѓу расата, полот, сексуалната ориентација во обидот да се стави крај на дискриминацијата врз овие групи. Потпишана од Џон. Ф. Кенеди во 1961 година, а четири години подоцна Линдон Џонсон го издава како „Executive Order 11246”, со кој налага владините работодавачи да вработуваат без разлика на вера, раса и национална припадност. Полот е додаден две години подоцна.

Прочитајте и...  Загадениот воздух лани донесе смрт за половина милион бебиња ширум светот

Каде потфрли предлагачот (Владата)?

Во принцип, кога се предлагаат афирмативни акции тоа самото по себе значи дека имаме некој проблем. Постои ли навистина дискриминација на етничка основа во приватниот сектор? Ако постои и владата тоа го евидентирала, зошто тие компании не се казнети според закон? Со закон и Устав еднаквата можност при вработување е загарантирана. Ако големите македонски компании не вработуваат Албанци или други и обратно, дали е тоа резултат на дискриминација или Албанците, Македонците или другите воопшто и не се појавиле на конкурсот, дали се конкурсите јавни како според закон или „скриени“, дали условите при аплицирање се дискриминаторски? Исто така за ваква мерка потребни се статистички податоци и компаративни анализи, што му фали на приватниот сектор, односно кој тип на работна сила? Какви квалификации имаат моментално невработените па врз основа на тоа да се насочуваат/предлагаат/субвенционираат во приватните големи компании кои се во недостиг на истите.

Треба да се обрне внимание на начинот на кој би се субвенционирале приватните компании, односно дали тоа ќе биде еден транспарентен процес или ќе се претвори во нова можност за партиски вработувања, а тоа би било опасно и штетно, но без конкретни податоци од страна на државата се раѓа сомнеж дека мерката би се претворила токму во тоа. Се шпекулираше во јавноста дека во времето на Груевски на странските инвестирори им биле давани листи на партиски војници кои компанијата треба да ги вработи, со што, не се дискриминираат само Албанците и другите, туку и Македонците кои не се членови или симпатизери на таа партија. Најголемата дискриминација која ни се случува во овие 30 години на плурализам е онаа на партиска основа. Буквално сите вработувања во јавниот сектор се направени на основа на партиската припадност, сите политички партии кои биле на власт го направиле и го прават истото, без исклучок. Албанците кои не се припадници или симпатизери на ДУИ со години биле дискриминирани од самите ДУИ затоа што не биле „нивни“, Македонците кои не се СДСМ или ДПМНЕ исто така, дискриминари од едните или другите во зависност кој е на власт. Ова на сите им е јасно и тоа е нешто против кое треба да се бориме ако сакаме да создадеме едно здраво општество каде партиската книшка ќе биде сосема небитна.

Прочитајте и...  Македонска реалност - Децата на возраст помеѓу 13 и 17 години, најчести жртви на трговија со луѓе

Аргументи против мерката – Каде отиде дискусијата?

Да се вратам на почетокот. И покрај тоа што мерката би била за сите, повторно Албанците се главна тема, па така „најдобрите“ аргументи кои ги прочитав до сега, а се против, се следниве: „На приватниот сектор му треба квалитет, а не Албанци кои ДУИ ќе ги вработува“, „Ги наполнија институциите со Албанци по Рамковен, ја уништија државата, сега сакаат и приватниот сектор да го уништат“, „Со оваа мерка се дискриминираат Македонците“ и таканатаму. Секако никој не се занимава со причините кои довеле до некоја ситуација, државниот сектор ќе го земам за пример. Причините за вработувања по етничка основа, пред се во државните институции, што почнаа да се реализираат на основа на Рамковниот договор се едноставни, долгогодишна системска дискриминација врз Албанците и припадниците на другите помали етнички заедници. Зошто е ова толку тешко да се увиди? Да не постоеше таа дискриминација, процентуалната застапеност ќе беше далеку поинаква од онаа пред 2001 година. Или пак одговорот на ова прашање е насловот на текстот, дискриминација никогаш немало, а не-македонското население не било застапено во државните институции затоа што не располага со квалитет? Следствено, како тоа се претпоставува, односно суди дека Албанците и другите кои би се субвенционирале во приватниот сектор се неквалитетни, затоа што се тврди „не им требаат на приватните компании Албанци од ДУИ, туку квалитет“? Нема ли квалитетни Албанци во државава? Сите ли Албанци предложени од ДУИ во државниот сектор се неквалитетни? Низ годините СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вработија во администрација одличен процент на неписмени, некадарни, неквалитетни затоа што се бирани по партиска линија, но секогаш дискусијата се однесува на Албанците. Оттука произлегува дека Македонецот е синоним за квалитет, а Албанецот за неквалитет!?

Од друга страна, една од главните одговорности на државата што се однесува до нејзините вработени е постојано да создава квалитет и усовршување на нејзиниот кадар преку курсеви, тренинзи, семинари и таканатаму, така што ако тврдиме дека постојат неквалитетни кадри во јавниот сектор, а веќе со години се таму вработени, тоа не е нивна вина, туку вина на државата, на институциите и нивните раководни кадри? Кои се причините или мотивите (доколку има) за не ангажирањето на државата и игнорирањето на овие слабости, оставам на вас драги читатели да процените.

Прочитајте и...  ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ФОТОГРАФИИ: Хрватската полиција обвинета за „ужасни“ напади врз мигранти на Балканската рута

Пред да дадам свој заклучок би сакал предлагачот на оваа мерка (Груби/ДУИ) да земе во предвид афирмативна акција насочена кон албанската жена, односно да се субвенционираат себе самите за секоја вработена жена. Доколку Албанците се дискриминирани, албанските жени се дупло повеќе, и поради тоа што се Албанки и поради тоа што се жени, а таа дискриминација започнува од самите ДУИ и другите албански партии. Од 32 пратеници Албанци во парламентот само 7 се жени (21%), од 16 Албанци во владата има само една жена ми се чини (6%). Или можеби албанската жена не е битна во моментов?

И покрај тоа што, гледано низ различните искуства во демократиите, оценката е дека афирмативните акции во општества како нашето се потребни доколку транспарентно се спроведуваат и може да дадат одличен резултат, моето мислење е сепак спротивно и е можеби базирано на мојата лична природа/карактер. За мене претставува деградација на поединецот, релативцизација на своето знаење и искуство и способности доколку некој ме вработи затоа што сум Албанец, а не поради мојот квалитет и тоа што можам на таа компанија да и донесам.

Вработувањето како резултат на ваква една мерка исто така може да предизвика и негативни психолошки рамификации кај поединецот, а тоа е еден од аргументите против базирано на искуства, што значи дека дури и поединецот да е најквалитетен во однос на другите вработени во некоја компанија, постои реална можност за негова стигматизација и игнорирање или релативизирање на неговиот квалитет токму поради фактот дека е вработен врз основа на етничката припадност. Мене како поединец ми е битно државата да овозможи функционирање на правната држава и спроведување на законите притив дискриминација, ако таа успее во таа битка, тогаш „битката“ на граѓанинот на пазарот на труд ќе биде рамноправна.

П.С. Насловот на текстот реално треба да биде „Афирмативни акции на државата“, сензационалистилкиот наслов „Албанците се неспособни“ е намерно ставен за да го привлече вашето внимание. Дури половина од вас кои отворивте „Слободен Печат“ го прочитавте текстот заради насловот што е уште еден доказ за „болеста“ на нашето општество.     

 

 

Поврзани вести

Македонска реалност – Децата на возраст помеѓу 13 и 17 години, најчести жртви на трговија со луѓе

Наставниците „во немилост“ на препишувачите

Михаило Донев

ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ФОТОГРАФИИ: Хрватската полиција обвинета за „ужасни“ напади врз мигранти на Балканската рута

Илинка Иљоска

Партиите ќе поминат неказнето за предвреме одржаните митинзи

Лука Андреев

Загадениот воздух лани донесе смрт за половина милион бебиња ширум светот

Слободен печат

„Маргини“ против партиски вработувања во „Комисијата за заштита од дискриминација“

Весна Тодоровска

Остави Коментар