Ако ги зборувате овие странски јазици, побрзо и подобро ќе закрепнете од мозочен удар

Фото: Профимедиа

Латиноамериканците кои зборуваат англиски или израснале зборувајќи и шпански и англиски, побрзо и подобро закрепнуваат од мозочни удари од оние кои зборуваат само шпански, покажало новото истражување.

Нејасно е дали подоброто закрепнување е резултат на промените што ги прави учењето јазик во мозокот или се работи за некои други разлики во проучуваните примероци. Сепак, овие откритија отвораат можност дека начинот на кој јазиците го обликуваат нашиот мозок е многу поважен отколку што се мисли, пишува „ИФЛ саенс“ (IFL Science).

Пред еден месец беа објавени силни докази за влијанието на мајчините јазици врз развојот на мозокот. Споредувајќи ги говорниците чиј мајчин јазик е германскиот со оние кои зборуваат арапски, откриени се поголеми врски меѓу двете хемисфери кај оние што зборуваат арапски. Во исто време, луѓето што зборуваат германски имаат поразвиени јазични врски во левата хемисфера. Се верува дека разликите се резултат на спротивставените барања (контрастот) што двата јазика ги претставуваат во мозокот.

Студијата не истражувала дали овие разлики влијаат на капацитетите надвор од оние што се потребни само за јазикот. Сепак, новиот научен труд сугерира дека последиците би можеле да бидат значајни, барем за оние кои еднаш во животот доживеале мозочен удар.

Претходните студии покажаа дека последиците од мозочниот удар се полоши за Американците со мексиканско потекло отколку за белците во САД. За тоа постојат многу можни објаснувања, од генетски фактори до дискриминација во медицинскиот, лекарскиот пристап. Д-р Луид Моргенстерн од Универзитетот во Мичиген сакал да ја тестира можноста јазикот да игра улога во процесот на закрепнување.

Моргенстерн и неговите колеги го проучувале закрепнувањето на 1.096 Американци со мексиканско потекло во градот Корпус Кристи, Тексас, елиминирајќи ги другите потенцијални влијанија. Сите учесници во студијата биле тестирани три месеци по мозочниот удар, а авторите ги споредувале нивните резултати во три области: невролошки, каде што ја проучувале силата на мускулите, говорот и координацијата, вештините за размислување и сеќавање и способноста за извршување на секојдневните задачи. Тестирањето било спроведено од сертифицирани научници кои од раѓање ги зборуваат двата јазика.

„Нашата студија покажа дека Американците со мексиканско потекло кои зборуваат само шпански имаат полоши невролошки последици три месеци по мозочниот удар од Американците со мексиканско потекло кои зборуваат само англиски или двата јазика“, рекол Моргенстерн.

Немало значајни разлики во другите две мерења, но невролошките разлики биле значајни. Оние кои зборуваат шпански во просек имале седум поени на скалата од максимум 44, а оние кои зборуваат англиски или двата јазика околу четири поени.

Иако популацијата избрана за студијата е релативно хомогена, групите не биле идентични. Оние кои зборувале исклучиво шпански биле постари и помалку образовани од оние кои зборувале англиски. Од друга страна, поретко пушеле цигари. Откако авторите ги модифицирале резултатите земајќи ги предвид овие разлики, разликата во невролошкото закрепнување се намалила на 1,9 поени, но и тој резултат е значаен.

Авторите на студијата нагласуваат дека поголема студија со подобар примерок од исклучиво шпански говорници би дала подобри резултати. Исто така, постои можност да има и некои разлики кои не се земени предвид, како што е финансиската состојба, што не е тема што може да се провери при тестирање по случаен избор.

„Спроведовме претходна студија во истата заедница и откривме дека јазикот што го зборуваат луѓето не е поврзан со доцнењето во одењето во болница по мозочен удар, што значи дека дефинитивно ни требаат повеќе информации за да разбереме што придонесува за разликата во закрепнувањето во овие две групи.“, вели Моргенстерн.

Шпанскиот и англискиот јазик се меѓусебно послични отколку германскиот и арапскиот – ако разликата навистина е поврзана со промените во мозокот предизвикани од јазикот, постои потенцијал за уште поголеми варијации во закрепнувањето помеѓу мајчиниот германски и оние што зборуваат арапски јазик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот