Ахмети треба тензично да разговара, но не со Заев

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Сите отстапки на Заев му донесоа некој глас повеќе на ДУИ, но ѝ нанесоа многу повеќе штета на Владата во целина. За да го зачува единството во ДУИ, но и сопствената позиција, Ахмети не сакаше да бранува во сопствениот двор.

Имавме доста тензичен разговор со Заев дека не се согласувам со неговата оставка од партијата и претседател на Владата, изјави претседателот на ДУИ Али Ахмети за високоморалниот чин на одговорност, досега незабележан во македонското практикување власт. Тензијата во тој разговор сигурно не ја наметнал очевидно потиштениот премиер, туку лидерот на ДУИ кој знае дека во сите можни идни комбинации за промени на (во) Владата, неговата партија ќе ги загуби позициите што ги имаше досега како партнер на СДСМ. Во ДУИ повеќе жалат што може да им пропадне договореното меѓу Заев и Ахмети – во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада премиер да биде Албанец – отколку тоа што земјата се наоѓа и во политичка криза, покрај сите други.

Начинот на кој во Мала Речица го замислуваат развојот на демократијата во земјава нималку не кореспондира со Заевото „едно општество за сите“. Напротив, пред секои избори, ДУИ настапува со нови барања. Ахмети, на пример, ниеднаш не предложи Македонец како партиски кандидат за градоначалник. Не случајно „псе јо“ предлозите за Албанец-премиер или избор на претседател во Собранието не беа дадени за време на заедничкото владеење со ВМРО-ДПМНЕ, зашто Груевски беше поголем националист и од Ахмети (уште учи да зборува македонски?!).

Ахмети тензично треба да разговора, но не со Заев, туку со „шерифите“ од неговата партија. Владиниот партнер со стаж во власта од 2002 година до денес (освен во периодот од 2006 до 2008) молкум ја „истурка“ и дивоградбата во „Мавровка“, која Заев ја туркаше со багер. Заев го разреши и директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој одби да прими 35 „рамковни“ административци. Многу други скандали, поврзани со ДУИ, не добија разрешница – платформата во Сарај, пицеријата на Нефи Усеини во Охрид, дивата ординација на струшкиот гинеколог Мухамед Асани, дивеењето на синот на Муса Џафери, кој се обиде да го истепа директорот на Регулаторната комисија… Не понесе одговорност братот на министерот Фатмир Бесими како целогодишен в.д. директор на тетовската болница, откако изгоре модуларниот ковид-центар. Рамиз Мерко не беше казнет како Максим Димитриевски, туку беше награден со нов мандат, и покрај непослушноста кон централната власт и дупката во општинската каса. Сите овие отстапки на Заев можеби му донесоа некој глас повеќе на ДУИ, но ѝ нанесоа многу повеќе штета на Владата во целина. Ахмети не сакаше да бранува во сопствениот двор во Мала Речица за да го зачува единството во ДУИ, но и сопствената позиција.

Заев урна режим, ја внесе земјата во НАТО, но не успеа од ДУИ да направи опозициска партија, што му беше желба пред ланските парламентарни избори („здраво е и за државата и за партијата ДУИ да оди во опозиција“). Се осмели да се соочи со Ахмети во директниот дуел во Арачиново на претходните локални избори. И победи. Само локално и привремено. Сега е цврсто решен да замине, а може да се случи сите други, поради кои го вложи сиот свој авторитет, да останат на позициите, заклучно со „сателитите“ од сите бои од помалите коалициски партнери кои сега се пазарат со двете партии со најмногу пратеници во Собранието.

Да беше неколкукратниот губитник Христијан Мицкоски на местото на Заев, овој пораз ќе го претставеше како победа преку вкупниот збир освоени гласови за советничките листи. СДСМ како аргумент за неприфаќање предвремени избори го истакнува податокот дека партиите што се во владината коалиција заедно освоиле 419.180 гласа и 61 советничко место повеќе од опозицијата, која заостанува 19.000 гласа. Но, од Мицкоски, бидете сигурни, нема да ја доживееме таа доблест дури и да ја освои власта во блиска иднина – да жртвува премиерска функција за неуспех на локални избори.

Премиерот во оставка не го плати цехот само поради бугарското уценување, европското потценување, пандемиското промашување, народното попишување… Плати превисока цена и поради камерите на Рашковски, магарињата на Димова, аферата на Јанева, зашто сакаше да биде „Катица за сè“. Ја преземаше одговорноста и за гревовите на своите, но и на сопартијците од коалицијата на власт. Но, капиталниот влог на Заев е негов обид да ја спаси коалицијата на власт. Ако тој „гејм чејнџ“ даде резултат – почеток на преговорите со ЕУ (колку и да е тоа тешко изводливо), целта ќе биде постигната. Макар со тоа перје да се китат други „пауни“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот