Ахмети: Спорот со Софија ќе биде решен пред бугарските избори на пролет

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Оваа пролет, ќе се излезе од ќор-сокакот и проблемот со Бугарија ќе биде решен, изјави Али Ахмети, лидер на Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Тој ова тврдење го искажа во одговорот на прашање во синоќешната емисија „Политика” на гостиварската локална телевизија ТВ Глоби.

– Во интерес е и на Вашингтон и на Брисел да се реши ова прашање. Во овие 20 години ниту еднаш не сум бил разочаран од нивните постапки. Јас сум оптимист дека овој проблем ќе се реши уште во рана пролет. Решението ќе дојде пред парламентарните избори во Бугарија, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој нагласи дека ќе се најде решение, дебатата ќе се одвива за историјата и историските личности, додека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени.

На темата попис, Ахмети посочи дека сите кои живеат во земјава и имаат имот ќе бидат попишани. Тој уверува дека институциите ќе си ја вршат нивната работа, па така сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени. Ахмети зборувајќи на темата појасни и како се попишува дијаспората.

– Во врска со пописот имаше дебати, вклучително и јавни дебати. Тоа е статистичко прашање, а не политичко претпријатие, а таа операција мора да се заврши. Тоа од нас го бараат и релевантни меѓународни институции како ООН и од ЕУ. Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние кои се во странство преку валидни документи од нивните роднини тука или преку Државниот завод за статистика. Се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но сепак, сите се жители на оваа земја, подвлече претседателот на ДУИ.

За очекувањата од резултатите, тој напомена дека Албанците не може да бидат помалку од 25 проценти, колку што биле и во 2002 година. Бројката ја образложи со констатацијата дека Албанците во Македонија имаат стапка на наталитет кој последниве години е зголемен.

Околу измените за процедурите за издавање на државајанство, Ахмети смета дека ова прашање е премногу политизирано. Според него, последниве 12 години државјанство добиле околу 15.000 граѓани, а без државјанство се околу 3.500 лица.

– Граѓаните непотребно се манипулираат со ова. Не станува збор дека 50 или 100 илјади граѓани се без државјанство и дека половината се Албанци. Вкупно, според податоците и информациите што ми ги доставија надлежните органи кои се занимаваат со овие проблеми, нема повеќе од 3.500 граѓани без државјанство. Мнозинство од нив не се Албанци, туку тие припаѓаат на ромската заедница, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за гостиварската локална телевизија Глоби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот