Агенцијата за филм го поддржа објективното новинарство, но ќе се спротивстави на нарачаните медиумски хајки каде позадината е личен интерес

Агенција за филм / Фото: МИА

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации кон новинарката Марина Костова и онлајн медиумот СДК.мк искажани во вчерашното соопштение за медиуми, од страна на Агенцијата за филм, насловено како: „Дали во новата милионска драма на Милчо Манчевски главните улоги ги толкуваат Марина Костова, Тања Пепељуговска И Слаѓана Тасев?“.

Од ЗНМ велат дека Агенцијата за филм, вчера преку непотпишано соопштение упатено до медиумите, a потоа објавено и на официјалниот „фејсбук пејџ“ на Агенцијата, со низа реторички реченици и прашања, лично ја навредува и дискредитира колешката Марина Костова поради претходните натписи на СДК.мк поврзани со работата на оваа Агенција.

Во вчерашното соопштение од Агенцијата за филм се вели дека новинарката Костова е здружена во идејата да ја компромитира работата на Агенцијата и на нејзиниот директор Горјан Тозија без притоа да се аргументираат овие обвинувања туку само преку неосновани констатации и прашања во самиот текст.

-Дали клопчето се одмотува, сликата се заокружува, а расплетот се наѕира и може да се види како Милчо Манчевски кој со години наназад, шурувајќи со сите власти, извлекува милионски суми за своите проекти, некогаш и вон редовен конкурс и се гледа неговата алчност и деструктивна енергија? Неговите колеги станаа против ваквите негови хајки, да врши притисок во вакви кревки кризни и предизборни времиња против Агенцијата за филм која подаде рака на филмските работници да си ги добијат навремено парите од завршените филмови на минатите конкурси. Зар не знаеше Милчо Манчевски дека еден автор кој еднаш блеснал, има огромна обврска да си ја чува аурата и образот, не да се валка. Сепак, последните дела и моралот на авторот се паметат подолго- беше наведено во вчерашното соопштение од Агенцијата за филм.

Од Агенцијата за филм на Република С. Македонија денеска упатија поддршка до Здружението на новинари (ЗНМ) за заложбата за објективното новинарство и за сите издржани, истражувачки стории.

-Постојано информираме дека Агенцијата за филм ќе остане доследна во заложбите за транспарентно, правно и праведно работење и секако информирање на јавноста, кое го прави на редовна основа. Но, она на што остро ќе се спротивставиме се нарачани медиумски хајки каде позадината е личен или финансиски интерес. Бевме сведоци на негативна медиумска кампања каде се искривуваат фактите и при тоа се потенцира дека Антикорупциската Комисија води постапка, по пријава на Милчо Манчевски, што апсолутно ништо не докажува за работењето на Агенцијата за филм дека се коси со било кој закон. Но, тоа манипулативно се пласира во јавноста, со цел да се остави валкана дамка. Медиумската хајката е препознаена и од страна на сите филмски работници, кои преку свое соопштение го препознаа и интересот и целта зад неа, а се поврзани со тековниот конкурс на Агенцијата за филм. Сите факти ќе бидат презентирани после 15 јули, со цел да се избегнат било какви политички конотации во овие предизборни денови- велат од Агенцијата.

Филмот во нашата земја живее нов бран, велат од Агенцијата и со разбирање на Вас медиумите тоа допре до широката јавност каде застанавме горди зад нашите автори и се надеваме и во иднина ќе им ја дадеме сета поддршка што ја заслужуваат.

-Во последните три години, добиени се над 65 филмски награди кои пристигнуваат речиси секој ден, учествувано е на повеќе од 170 филмски фестивали како Берлинале, Санденс, Кан и други, и македонскиот филм се закити со две номинации за Оскар со што испишавме историја во македонската кинематографија- велат во денешната реакција од Агенцијата.

Од Агеницијата велат дека сите факти ќе бидат презентирани после 15 јули, со цел да се избегнат било какви политички конотации во овие предизборни денови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот