Адвокатите бесни: Предлагате мерки што водат кон целосна блокада на системот, а ние треба да ви ја полниме касата

Фото: Профимедиа

Адвокатите велат дека вонредната состојба во нашата држава ги извадила на површина сите аномалии на нашето општество.

Бура од реакции на социјалните мрежи по денешната изјава на министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев кои најавија дека на утрешната седница на Владата ќе предложат во администрацијата, во општините и во судовите и секаде каде што е можно, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома или редуцирано по систем на ротации.

Адвокатите велат дека вонредната состојба во нашата држава ги извадила на површина сите аномалии на нашето општество.

– Администрацијата, и покрај тоа што требаше да работи со смени или од дома, воопшто не работеше. Земаа плата, а не клатеа ни врата. Ние адвокатите тоа најдобро го знаеме, реагира скопскиот адвокат, Павлина Зефиќ.

Судовите и обвинителството целосно беа парализирани, вели Зефиќ, во својата објава на Фејсбук, со чест на исклучоци (Кривичен суд Скопје), а само што профункционирааа, вели таа, заминаа на судска ферија.

– Најдебелиот стап го изедоа адвокатите кои се блокирани повеќе месеци, бидејќи нашата работа зависи токму од овие институции. За сето време, одговорно ги покривавме сите давачки кон државата, а никој во меѓувреме не се заинтересира за нашите проблеми. Летото буквално го преспавте и не развивате ниту една мерка што ќе биде функционална и нема да нè блокира. Исто како во приказната на штурецот и мравката. И сега пак предлагате мерки што водат кон целосна блокада на системот, а ние треба да ви ја полниме касата, вели со револт скопската адвокатка, Павлина Зефиќ.

Зефиќ апелира до колегите адвокати, кои ги советуваат креаторите на политика, да им објаснат на луѓето како функционира правосудниот систем, зошто очигледно немаат поим.

– Пред да донесете било каква одлука, убаво би било да го повикате Претседателот на кривичниот суд Скопје и други судови кои функционираа во време на криза, за да ви одржат лекција за менаџирање. Најодговорно тврдам дека со примена на овие мерки и добрите практики, кои лесно може да ги пресликате, ќе функционираме со најмал ризик. Во спротивно треба сериозно да размислите како ќе им помогнете на над 3.500 активни адвокати во државата, кои ги оставате без работа, со бесмислените мерки што ги предлагате, напиша Зефиќ.

Здравев: Се размислува за онлајн судења, но тоа не може да се спроведе без согласност на обвинетиот

По одложувањето на судските рочишта поради ситуацијата со ковид-19, се разгледува можноста за одржување онлајн судења, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, кој вели дека се разгледува и можност за одржување на онлајн судење.

Меѓутоа, тој нагласува дека тука постои еден проблем поради тоа што не може да се спроведе онлајн судење ако на тоа не се согласи обвинетиот.

– Мора во иднина да се менуват процесните закони за да може да се предвиди можност и за онлајн судење. Ние сите сме загрижени за состојбата, ни пречи на сите и на Судскиот совет и на судиите, и на претседатели на судовите. Ќе мора да се бара некое решение, некој излез од таа состојба, вели Здравев.

Моментно не се дискутира за одложување на судските рочишта како што беше пример во месеците март, април и мај, но се бараат решенија за онлајн судења.

Инаку, зголемениот број на новозаразени од ковид-19 се рефлектираше и во неколку судски постапи во Кривичен суд Скопје. Во дел од предметите иницирани од поранешното СЈО, како што се „Тврдина-Таргет”, „Тортура” и „Титаник” следните недели нема да се одржат рочиштата затоа што обвинетите Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер се позитивни на ковид-19. Минатата недела се одложи и судењето за „Организаторите на 27 април”, заради изолација на обвинетите Трајко Велјановски и Спиро Ристовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот