АБА2 лига: Сутјеска е новиот противник на МЗТ Скопје Аеродром

МЗТ Скопје Аеродром е во сериозна трка да се врати во првата АБА лига/Фото: kfsm.mk

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска против црногорската Сутјеска (15.00 часот), ќе го одигра осмиот дуел сезонава во АБА2, а прв на турнирот што вчера почна во Бања Лука, во кој ќе ја брка седмата победа, со која би го продолжила атакот на самиот врв од табелата.

Противникот воопшто не е наивен, има многу искусни кошаркари, поради што тренерот на „металците“ Дарко Радуловиќ посакува максимална ангажираност од своите избраници и игра со голема самодоверба.

– Сутјеска е исклучително цврста екипа, која негува стил на игра карактеристичен на Партизан од времето кога тренер на оваа екипа беше Душко Вујошевиќ. Ќе мора да бидеме максимално енергични во одбраната, да ја сопреме нивната игра под кошот и да ги наттрчаме. Во мечот мора да влеземе мотивирани и решителни, со голема самодоверба и само така ќе може да дојдеме до посакуваната цел, а тоа секако е победа – вели предводникот на аеродромци.

На денешната средба деби во „сино-белиот“ дрес ќе имаат Американецот Морис Кари и капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, но во тимот, за жал, ќе го нема неговиот брат-близнак, Дамјан. Тој го повреди скочниот зглоб на неодамнешното гостување кај Куманово (70:65), поради што мораше да остане да се опоравува во Скопје, со цел да биде подготвен за завршниот турнир од Купот на Македонија (18-20 февруари).

– Секако дека Дамјан премногу ќе ни недостасува. Но, останатите момци ќе го дадат максимумот, кој се надеваме дека ќе биде доволен за позитивни резултати, не само денеска туку и на останатите две средби во Бања Лука – вели Радуловиќ.

Покрај Сутјеска, на овој турнир МЗТ ќе игра уште против Подгорица (среда) и Војводина (сабота).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот