Нетолеранција на храна: безопасна состојба што го нарушува квалитетот на животот

фото:пексел

Реакциите како последица на преосетливост на храна и нејзините состојки можат да се манифестираат како интолеранција на храна или како алергија на храна. Интензитетот може да биде од слаб до интензивно јак, па дури и опасен по живот. Во двата случаи постои разлика во начинот на нивно настанување и во нивниот третман.

Станува збор за несакана, нетоксична, неалергиска реакција на организмот со консумирање одредена храна или состојка на храна, посебно при нејзин зголемен внес. Најчесто се манифестира со благ интензитет, без бурни реакции. Нетолеранцијата на храна може да се појави на која било возраст и кај двата пола, а карактеристично е тоа што речиси секогаш се појавува на намирници што ги консумирате секојдневно или почесто. Не претставува животно загрозувачка состојба, но влијае врз квалитетот на животот со оние симптоми што го засегаат работниот ден или квалитетниот одмор (главоболка, болка во зглобови, болки во стомакот со надуеност, лошо расположение). 

Видови интолеранција на храна

Ензиматска – каде што поради недостиг на некои дигестивни ензими, храната не може во целост да се свари. Ова се воедно и најчестите облици на интолеранција: нетолеранцијата на лактоза, фруктоза, алкохол и глутен.

Фармаколошо-хемиска – предизвикана е од биогени амини и други супстанции присутни во храната, кои поседуваат одредена фармаколошка активност, а нивната активност најчесто зависи и од внесената доза.

Недефинирана интолеранција на храна – се создаваат антитела против несварени молекули од храната. Теоријата вели дека ова се случува тогаш кога недоволно сварени молекули на храната ја поминуваат, предизвиканата од нешто друго, зголемената пропустливост на цревната слузокожа (зрачење, цревни инфекции, употреба на антибиотици). 

Како да се препознае

Симптомите на интолеранцијата на храна можат да потекнуваат од речиси сите системи и органи, но навистина многу ретко луѓето ги поврзуваат со храната. Ретко кога течењето на носот, главоболката, мигрената, несоницата, уморот, лошото расположение, егзем, псоријазата, некој ги поврзува со храната. Уште повеќе што тука не станува збор за бурна и моментална реакција, туку симптомите се појавуваат бавно и хронично. Често тоа може да се симптоми и на болни отечени зглобови, фибромијалгија. Може да се манифестира и преку разни дигестивни проблеми какви што се надуеност, опстипација, течни столици, надразнети црева, но ова се единствените случаи кога човекот помислува дека нешто можеби не е в ред со исхраната.

Тестови за интолеранција на храна и план за исхрана

Пред да се направи тестот, пациентот треба да е гладен во последните три-четири часа. Овој тест не се прави многу често и не е рутински тест, но е важна алатка во составувањето индивидуален план на исхрана, а со тоа помага и во поуспешна битка со вишокот килограми. Според резултатот од тестот, се составува внимателно балансиран план на исхрана, со исклучување на храната на одредено време, со што се постигнува елиминација на антителата и организмот се десензибилира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот