Таксистите бараат „дивите“ да се тргнат од скопските улици

Спроведување на постоечките закони со што ќе се овозможи намалување на дивите таксисти по скопските улици, побара на денешната прес конференција Сашо Рајчановски, претседателот на Групацијата на авто такси превозот на Град Скопје. Тој зборуваше за проблемите со кои секојдневно се соочуваат поради нелојалната конкуренција во такси превозот.

 – На улиците во Скопје во моментов имаме преку 5.000 такси возила. Градот има издадено 2.400 лиценци, а во Агенцијата за вработување има вработенo пет пати помалку такси возачи, затоа што возат такси возила кои се неунифицирани, нелиценцирани, без таксиметри, има непријавени такси возачи кои наплатуваат на такси станици како што се Транспортниот центар и Бит пазар за три пати повеќе отколку што е редовната цена. Такси станиците се преполни затоа што не се предвидени за толку многу такси возила. Меѓу непријавените таксисти има многу пензионери, воени лица, пожарникари, како и поранешни полицајци кои застануваат каде ќе им текне, го кочат сообраќајот и со тоа наштетуваат на угледот на такси превозот, драстично намалувајќи ја заработувачката на таксистите кои регуларно работат – изјави Рајчановски.

Постојат закони и прописи, но засега тие не се почитуваат. Со решавање на овој проблем двојно ќе се намали такси сообраќајот, што значи и 20 до 22 тони помалку согорување на гориво. Градот нема да има потреба да дава пари за опремување на нови такси станици. Ќе бидат останати само унифицирани такси возила со лиценцирани таксисти во работен однос, додека пак граѓаните ќе си плаќаат според таксиметри. Ќе има вработувања на 1.500 до 2.000 нови такси возачи и функционален такси сообраќај во Скопје.

 – Очекуваме овој проблем да се реши најбрзо што може. До сега не се случило на улица инспектори од Министерство за труд и полиција да запрат возило и да го казнат, а од поранешното искуство знаеме дека за десетина дена тоа може да се реши – вели Рајчановски.

Тој додаде дека имале средба со градоначалникот на Грсд Скопје Петре Шилегов, кој ветил дека состојбата ќе се смени по воведувањето на комунална полиција, но дека тоа не се знае кога ќе се случи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот