ЗНМ со осуда за заканите кон новинарката на ИРЛ

фото: ЗНМ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди заканата упатена кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Маја Јовановска од страна на  раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуша, Садредин Елезоски.

Како што информира ЗНМ, Елезоски упатил погрдни зборови кон Јовановска, заканувајќи и се со зборовите „Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш тука”.

– Екипа на ИРЛ вчера беше во Маврово на средба со неколку лица вработени во општината Маврово и ЈП Национален Парк Маврово. Единствено раководителот на Одделението за урбанизам во општината, Садредин Елезоски, одбил да се сретне со новинарите иако, според информациите на Јовановска, повеќе пати бил контактиран. По повикот што денеска го остварил Садредин Елезоски со Маја Јовановска, која му објаснила дека се’ уште очекуваат одговори на прашањата испратени уште на 4 април, тој упатил навреди и погрдни зборови кон новинарката, заканувајќи се со зборовите: „Пази се од денес. Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш тука.” И покрај заканите, новинарката Јовановска му најавила дека повторно ќе дојде во Маврово следната недела, бидејќи општинската администрација должи одговори за хаосот со дивоградбите кои се градат во Националниот Парк Маврово, се наведува во соопштението од ЗНМ.

Оттаму информираат дека случајот денеска е пријавен во МВР и нагласуваат дека ќе ја следат понатамошната истрага. Потсетуваат дека единствено преку строга санкција на нападите и заканите од страна на институциите во иднина ќе може да се спречат напади и закани кон новинарите.

–  Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повеќе од три години известува за урбанистичките проблеми, криминал и корупција во Општината Маврово и Ростуше. Според колегите од ИРЛ, комуникацијата со локалната власт секогаш е отежната, администрацијата е нетранспарентна и новинарите на ИРЛ многу тешко добиваат одговори од Секторот за урбанизам, посочуваат од ЗНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот