„Златните пасоши“ меч со две острици – Субрата Рој не донесе инвестиции, македонските пасоши им останаа во семејството

Додека во Собранието Алијанса за Албанците и Алтернатива упорно се трудат да ги протнат измените во законот за државјанство со кои врз основа на изјави од тројца сведоци со македонско државјанство ќе може да се стекнат лица без овој документ кои со децении живеат во Македонија, малата врата за не толку атрактивното македонско државјанство останува отворена за бизнисмени, спортисти, културни и научни работници.

Европската унија во повеќе наврати ги опомена земјите членки да се откажат од практиката на давање економски државјанства на странци надвор од земјите од Унијата во замена на инвестиции. На тапет беа Кипар, Малта и Бугарија кои предничеа во издавањето на таканаречни „златни пасоши“ кои завршија во рацете на криминалци и богаташи со сомнително стекнат имот.

Истата опомена ја добија и Македонија и Црна Гора – земји аспиранти, а на македонските власти во три наврати минатата година јасно им беше предочено дека под лупа на Унијата се измените на Законот за државјанство донесени во декември 2012 со кои „Северна Македонија воведе измена во законот што може да дозволи стекнување државјанство за посебен економски интерес. Комисијата ќе предложи со следење на оваа област, земајќи ги предвид можните ризици поврзани со смислени шеми за давање државјанство на инвеститори, особено во врска со безбедноста, перењето пари, затајување данок, финансирање на тероризам, корупција или инфилтрација од организиран криминал“, стои во Извештајот од Европската Комисија за Механизмот за визна суспензија од 10 јули 2020 година.

Веќе во октомври минатата година е додадено дека „се следат внимателно миграциските и безбедносните ризици што оваа програма може да ѝ ги предизвика на ЕУ.“

И на последниот 15-ти Поткомитет за Правда и внатрешни работи одржан на 18 и 19 ноември 2020 година меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, „Европската Унија изрази интерес за ова прашање и побара пишан материјал за критериумите за стекнување на државјанство од посебен економски интерес, како и статистика за тоа колку лица побарале и добиле државјанство на Република Северна Македонија по овој основ и од кои земји овие лица потекнуваат“.

Спорниот член 11 од Законот за државјанство гласи дека „Владата на Република Македонија со уредба ќе ги утврди критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство“, но од МВР уверуваат дека таму „досега странец нема поднесено барање за стекнување државјанство на РСМ од особен економски интерес, а притоа да инвестирал капитал во износ од најмалку 200.000 евра по лице, во период од најмалку две години, во приватeн инвестициски фонд“. Од МВР за „Слободен печат“ додаваат дека утврдувањето на постоење на особениот економски интерес го оценува Фондот за иновации и технолошки развој.

Сепак, според податоците кои „Слободен печат“ ги доби од МВР од 2005 година во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија од економски интерес донесени се 143 решенија од кои 105 лица добиле државјанство, а 38 се одбиени по тој основ.

Меѓу контроверзните личности кои се носители на македонско државјанство поради економски интерес се синот и сопругата на индискиот бизнисмен Субрата Рој кој во 2014 година од страна на тогашниот премиер Никола Груевски беше промовиран како иден голем инвеститор во земјата кој освен што има низа економски проекти врзани за Скопје и Охрид, вети дека во главниот град ќе изгради и споменик на Мајка Тереза. Кратко по авантурата на Субрата Рој во Скопје, тој беше уапсен и осуден од индиските власти за низа злоупотреби во неговата земја. Сопругата и неговиот син оттогаш досега не побарале отпуст од државјанството на Република Северна Македонија, соопштија од МВР за „Слободен печат“ што значи дека и на престојните локални избори тие ќе фигурираат на избирачкиот список.

Проблем со вакви бизнисмени кои и покрај законската обврска во земјата не внеле ниту евро имаат и Бугарите и Црногорците.

„Повеќето странци кои купиле бугарски „златни пасоши“ всушност ја искористиле шемата која им дозволува да не инвестираат ниту евро во земјата. Други дале депозит на сметка во банка во Бугарија, кој го повлекле веднаш по добивањето на бугарски пасош. Никој не почна вистински бизнис“, објави Еуроактив. Според оваа мрежа досега 98 странци добиле бугарско државјанство на база на „инвестиции“ од најмалку 2 милиони лева (милион евра) во земјата, но нема такви инвестиции.

Според последните податоци на Агенцијата за инвестиции, буџетот на Црна Гора инкасирал 7 милиони евра од програмата за економски државјанства, додека на сметка на инвеститорите во тој период државата уплатила повеќе пари – 9 милиони евра. Станува збор за државјани на Црна Гора од Египет, Белорусија, Туркменистан, Кралството Саудиска Арабија, Русија, Кина, Пакистан, Либан, Иран, Казахстан и Хонгконг, велат податоците од црногорското МВР.

Токму затоа новиот црногорски премиер Здравко Кривокапиќ најави дека ќе го ревидира овој закон кој се смета за негативно наследство од Ѓукановиќ и вети промена во издавањето на економските државјанства со намера првенствено да се привлекува висококвалитетен кадар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот