Затвореници пуштени на викенд извршиле сквернавење на гроб на загинатата 17-годишна кумановка

Загинатата девојка која беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во Куманово/ Фото: МИА

Три лица се приведени под сомнение дека осквернавиле гроб на градските гробишта во Куманово.

Како што информираат денеска од Секторот за внатрешни работи Куманово, на 12.10.2021 година во 17.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.П.(30) од Куманово.

По преземени мерки добиени се сознанија дека на 11.10.2021 заедно со Р.С.(30) од Куманово и Б.Н.(32) од Куманово, кои биле пуштени на викенд од Казнено – поправната установа „Идризово“ извршиле сквернавење на гроб.

– По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, стои во соопштението на кумановската полиција.

Во прекопаниот гроб во Куманово почива девојка која загинала во контроверзна сообраќајна несреќа

Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови. Таа загина во сообраќајна несреќа во јануари лани во скопски Илинден.

Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.

Во текот на вчерашниот ден жена од Куманово го пријави случајот на сквернавење на градските гробишта.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот