Во прекопаниот гроб во Куманово почива девојка која загинала во контроверзна сообраќајна несреќа

Осквернавен гроб/илустрација фото: Фејсбук

Бизарниот случај со осквернавен гроб во Куманово, за кој полицијата извести денеска, е поврзан со почивалиштето на 17-годишна девојка од градот, која пред речиси две години загинала во сообраќајна несреќа во Илинден, објави Телма, повикувајќи се на извори од истрагата.

Гробот бил целосно и длабоко прекопан, според изворите на телевизијата.

Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови, пишува Телма.

Билборд од кампањата „Ако возиш, не пиј и не земај дрога“
Фото: Фејсбук

Во скопскиот Кривичен суд е во тек судењето против млад кумановец, кој е е обвинет за предизвикување на сообраќајната несреќа во која загина девојката.

Членови на семејството обвинуваа и тврдеа дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.

Замрсениот случај имаше и продолжение кога таткото на загинатата девојка беше приведен во кумановската полиција, поради сомнеж дека барал платен убиец за ликвидација на повеќе луѓе кои го сметал за одговорни за смртта на девојката, потсетува Телма.

„Во периодот од април до август 2021 година, Д.Ф., во врска со сообраќајна незгода која се случила во 2020 година, поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица. Исто така, во наведениот период пријавениот во повеќе наврати на лицата кои ги поттикнувал да го извршат кривичното дело „убиство“ им се заканувал со огнено оружје со цел да го извршат кривичното дело,“ информираше МВР во август.

Претходно, во април, мајката на загинатата девојка пријавила во полиција дека била следена од сведок на трагичната сообраќајна несреќа во која настрада 17-годишната Јелена.

„На 14.04.2021 во 22.45 часот во Полициската станица Куманово, Г.Ф.(41) од Куманово пријавила дека околу 18.00 часот, додека се движела со своето возило „бмв“ по бул.„Октомвриска Револуција“, забележала дека ја следи возило „фолксваген голф“, кое го управува К.П.(сведок во сообраќајна незгода во која загинала ќерка на Г.Ф.). Според пријавеното, Г.Ф. продолжила со движењето, но ја намалила брзината за да ја помине возилото „голф“, но тоа не се случило. Исто така, според пријавеното, кога продолжиле со движењето на бул„Трета Македонска Ударна Бригада“ пред нејзиното возило излегло друго возило кое и го блокирало патот. Како што пријавила Г.Ф., од возилото излегло едно лице кое ѝ упатило закани, а во тој момент од возилото излегол К.П., му фрлил некаков предмет на лицето од возилото што ѝ го блокирало патот и му дал знак да си замине“, соопшти тогаш полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот