Фото: ФФМ

Зајков: Покажавме дека сме храбри, сите „изгинаа“ на теренот, секогаш со срце за Македонија

Најдобрите македонски фудбалери одиграа храбро реми (0:0) на гостувањето кај фаворитот во нашата квалификациска група за пласман на Мундијалот следната година, Белгија.

Белгијците константно напаѓаа, избраниците на селекторот Благоја Милевски главно ориентирани дефанзивно, тука беше и одличниот голман Столе Димитриевски, на крајот бод како „планина“ кој ја остава нашата селекција во игра за првото место во групата кое води директно на СП 2026.

Ѓоко Зајков, еден од одбранбените македонски репрезентативци ја почувствува силата на Белгијците. Дисциплината беше еден од клучните фактори за големиот резултат остварен во Гент:

Одигравме храбро, дисциплинирано во одбраната. Се разбира со ваков противник, не можеме да се надигруваме, но покажавме дека сме храбри, дека го оставаме срцето за Македонија. Со дисциплина стигнавме до тој бод, според мене многу голем бод, особено на гости со Белгија.

Сега треба да се спуштиме на земја, за три дена имаме нов натпревар, исто многу важен. Да се одмориме добро, да го дадеме максимумот и во понеделник против Казахстан и да ги освоиме три бода, што е најважно, ако сакаме да одиме на Светското првенство.

Да, беше тешко против Белгија, но затоа со добра комуникација меѓу дефанзивците и секако со голманот Столе, и морам да ги спомнам и играчите кои се во нападот и од средниот ред „изгинаа“ на овој натпревар, што знам дека е многу тешко за нив, кога нема допир на топката, а тоа им се најголемите квалитети. Кога се игра за Македонија, се остава срце на теренот, и како и да треба на крај да се одигра, така ќе се одигра, само да се исполни целта – рече Зајков по мечот во Гент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот