Загрижен сум за Србија, вели Славој Жижек

Влијателниот словенечкиот филозоф Славој Жижек вели дека ја разбира официјалната политика на Србија во однос на војната во Украина, но дека се плаши дека тоа нема да ѝ се исплати на земјата на долг рок.
„Мислам дека тоа е разбирлив прагматизам – ајде да одиме некаде помеѓу, да играме на двете страни и некако ќе профитираме. Само се плашам да не се исплати на долг рок, да не дојде моментот на вистината. Тоа многу ме загрижува за Србија“, изјави Жижек за регионалната ТВ-мрежа „Н1“.
Тој рече дека стравува оти Србија како земја ќе му се приклучи на „рускиот воен проект против западната декаденција, таканаречената „деназификација“,“ пренесува „Н1“.
„Ако оваа логика, која сега е официјална руска логика, се пренесе на Балканот, потенцијално сме повторно во војна“, рече Жижек.
Тој додаде дека не треба да се влегува во „приказната“ дека конфликтот во Украина е конфликт меѓу Евроазија и Западна Европа. На прашањето дали со оружје ќе се стави крај на војната во Украина, тој одговори негативно, но и рече дека во моментов не гледа јасна можност за мирно решение.
Жижек оцени дека и покрај сите разговори за солидарност со Украина, пред една година „тивката желба“ на мнозинството во Западна Европа и САД била војната да заврши за 14 дена, тие да протестираат против Русија, но да се договорат некаков мир.
„Застанувањето на Украина против Русија не беше нешто што го сфативме како одлична вест, тоа беше многу непријатно изненадување и за нас“, рече тој.
Тој критикуваше дека Путин, за кого вели дека е идеолошки конзервативен и „многу ортодоксен фундаменталист“, има симпатии на дел од левицата.
Жижек рече дека е изненаден од германската партија Die Linke („Левица“), чиј аргумент е прагматичен – зошто да одиме против Русија, кога таа ќе го загрози стандардот на нашите работници.
„Значи, нека пропаднат цели држави таму, само за да можеме да го зачуваме нашиот стандард“, рече Жижек.
Говорејќи за десницата и левицата во светот, тој вели дека политички коректната левица се саботира себеси со истакнување на теми кои одбиваат потенцијални сојузници.
Десницата можеби е во уште поголема криза, бидејќи имаме автентична, стара, конзервативна десница која е ужасната од она што луѓето го правеа поранешните претседатели на САД и Бразил, Доналд Трамп и Жаир Болсонаро.
Тој оцени дека на едната страна е „политички коректниот капитализам“, а на спротивната страна популистичките конзервативци кои се преправаат дека се принципиелни и чувари на „христијанското наследство“, но се „крајно непристојни, вулгарни и насилни“.