Заев-Вуцас: Потврдена поддршката од Австрија во евроинтеграциските процеси

Премиерот Зоран Заев се сретна со амбасадорот на Република Австрија во земјава Георг Вуцас, при што се изразени честитки за изборот на новата Влада и е потврдена  поддршката од Австрија за европските интеграции на Северна Македонија.
Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, упати порака до австрискиот канцелар Себастијан Курц дека и новоизбраната Влада во земјава е целосно посветена на европскиот пат.

На средбата е изразена согласност дека владеењето на правото е една од клучните области за Република Северна Македонија и за интеграциите и притоа е констатирано дека Австрија може да помогне во унапредувањата во оваа област.

Големи можности се сега пред нас, откако воспоставивме добрососедски односи со сите соседи и со тоа создадовме можности за бенефити за нашите граѓани на домашен план. Тоа се економските можности од значење и за граѓаните и за државата. Владата, со развојот на економијата, е цврсто определена да работи и на владеењето на правото и е подготвена да соработува и со Австрија и со европските институции со цел усогласување на праксите и легислативата, рече премиерот Заев.

Тој, како што стои во соопштението, зборуваше и за насоченоста на Владата кон развој на образованието и на здравствениот систем и се заблагодари за солидарноста од Австрија и државите на ЕУ за време на здравствената криза.

На состанокот е констатирано дека економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Австрија е одлична и дека има можности за интензивирање на билатералните односи во следниот период, во областа на инвестициите, здравството, енергетиката, трговијата, културата, земјоделството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот