Заев: Отвореноста на институциите, транспарентноста и комуникацијата спасуваат животи во време на кризата

Оваа година Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер, ОН и УНЕСКО го посветија на остварувањето на ова право со услови на криза, и во услови кога за ова право се исполнети сите уставни и законски гаранции во демократските општества. Свесни дека пристапот до информации во време на криза спасува животи, Владата ги следеше принципите за отвореност на институциите, транспарентност и комуникација за најважните прашања и мерки во справувањето со КОВИД-19 од интерес за граѓаните, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Тој потенцира дека она што е најважно е дека токму пристапноста до информациите, транспарентниот пристап што Владата го покажува за време на кризата, гради доверба помеѓу граѓаните и институциите кои им служат.

-Денес, секоја проверена и веродостојна информација поврзана со справувањето на здравствените и економските последици од КОВИД-19 се на еден клик од секој граѓанин во Северна Македонија.
Стратешките определби за пристап до информациите, за транспарентност и за комуникација, опфатија редовни прес-конференции, на почетокот и по две или три на ден, на кои медиумите и граѓаните, во живо преку интернет, или преку традиционалните електронски медиуми, беа редовно информирани и во контакт со стручни лица, и овластени политички претставници од најважните надлежни институции.

Централните владини медиумски настани одат двојазично, а дополнителната инклузивност ја обезбедивме и со вклучување на толкувачите на знаковниот јазик, додека главните пораки за основна заштита од коронавирусот беа преведувани на 6 јазици на малцинствата, пишува премиерот Заев.

За да обезбедиме широк пристап до информациите значајни за граѓаните, појаснува тој, креирана е
посебна веб-страница на која се наоѓаат сите информации за КОВИД-19 и сите мерки кои државата ги презема во борба со вирусот, а за економските мерки аплициравме посебна пребарувачка алатка.

Дополнителен пристап до најважните информации, според заев, овозможиле и апликациите на Вајбер, како и посебните веб страници за дел од владините мерки како што се https://domasiedoma.gov.mk и https://kupuvamdomasno.gov.mk/mk/.

-Сето ова се оствари затоа што Владата на Република Северна Македонија уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е отворениот пристап до информациите и навременото, постојано и веродостојно информирање, со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата, пишува премиерот на ФБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот