Заев – Корчок: Словачка го поддржува напредокот на Северна Македонија кон ЕУ

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, е поздравено лидерството на премиерот Заев во решавањето на прашањата од важност за евроатлантските интеграции, како и во напредокот на нашата држава. Соопштено е дека е препознаен реформскиот развој во сите области во земјава и е најавено дека Словачка ќе продолжи да го поддржува развојот на државава и напредокот кон ЕУ.

На средбата е изразена заедничка согласност дека продолжувањето на проширувањето на ЕУ е од значење и за Унијата и за целиот Западен Балкан и е реафиримиран ставот на Словачка дека билатералните прашања треба да се решаваат независно од европските процеси.

Наша стратешка цел се евроинтеграциите и тоа го покажува поддршката на граѓаните за евроинтеграциите. Посветени сме на европеизација на државата дома, а на европски начин, низ дијалог и меѓусебно разбирање работиме на прашањата што се во полза на добрососедството. 2020 година беше значајна година за нас, кога станавме членка на НАТО и е донесена одлуката за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа отвори простор да се фокусираме на економскиот развој, преку помош и поддршка на граѓаните и стопанството – и во време на пандемијата бележиме раст на просечната плата, како и на нови инвестиции, истакнал премиерот Заев.

На состанокот, како што стои во соопштението од Владата, заеднички е потврдено дека владеењето на правото во секоја држава значи сигурност и за граѓаните и за инвеститорите и дека е меѓу важните предуслови за развој.

Премиерот Заев и словачкиот министер Корчок оцениле дека билатералните односи помеѓу двете држави се добри на политички план, како и е дека постојат можности за унапредување на соработката на економски план.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодарил на словачката Влада и на граѓаните на Словачка за денешната донација на 4 модерни и технолошки софистицирани респиратори во вкупна вредност од 100.000 евра, за донацијата од 200.000 евра преку ЕУ механизмот за цивилна заштита во октомври 2020 година, како и за пријателската поддршка од Словачка на Република Северна Македонија, во сите области.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот