Заев: И покрај тоа што ДУИ не вреди пет пари, на 27 април со сопствен живот го бранев Талат Џафери

ДУИ не вредат пет пари на пазарот на гласови. Тоа е мојот став денес, беше мој став и тогаш, во времето кога е снимен разговорот објавен денеска. Имаа 20 пратеници, се преполовија на 10, на овие избори ќе имаат уште помалку. Сепак и покрај тоа што ДУИ не вреди пет пари, на 27 април 2017 година со сопствен живот го бранев животот на Талат Џафери, напиша претседателот на владејачката партија СДСМ. Oвој статуc уследи откако на Јутјуб се појави аудио материјал насловен како „Лагите на Заев“ на кој, како што се тврди во транскриптот на снимката, се слушаат гласовите на Заев и непознат соговорник чијшто глас е мутиран. И оваа, како и претходните снимки од „серијата“ се пресечени на неколку места па не може со сигурност да се потврди контекстот на разговорот.

-Јас сум ја покажал и докажал мојата љубов и почит кон Албанците на дело. Не само со зборови туку и на дело. Го донесовме Законот за јазици, се грижиме за сите заедници, прв сум ги повикал Македонците да гласаат за Албанци и Албанците за Македонци, прв сум ја отворил партијата за Албанци високи функционери, прв направив предизборна коалиција со албанска партија и лично и фамилијарно сум поврзан со Албанците, кум сум на Мухамед Зекири и тоа ми е големо задоволство. Целата јавност слушна дека јас не го изговарам никаде тој збор што е навредлив за моите сограѓани Албанци, туку тоа го прави соговорникот во снимениот разговор- стои во објавата за Заев.

Ваквите ниски и очајни обиди, напиша тој, само ме охрабруваат уште посилно да дејствувам за концептот едно општество за сите, чиј предводник сум.

-Ќе продолжам тоа да го правам и понатаму, со достојна почит кон сите мои сограѓани од сите етнички заедници. Објавата на оваа срамна манипулација уште еднаш докажува дека глас за ДУИ е глас за Мицкоски и Груевски- напиша Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот