За симетријата и геополитиката

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Симетричните односи имаат единствена основна претпоставка на меѓусебна еднаквост и почитување, зашто одржувањето на достоинството на двете страни е основниот услов за позитивен и морално исправен однос помеѓу две страни.

Во оние стари добри времиња кога и нашите братја Б`лгари и сите останати жители на социјалистичкиот блок гледаа кон нас – кон Југославија – со подигнати глави, нагоре, со подзамижани очи и со дланки над веѓите – како што се гледа кон сонцето, од блокот стасуваа купишта вицови што словенските народи ги правеа на своја сметка, како одушка за притисокот што го чувствуваа од политичката контрола од првата и најмоќната земја на реалниот социјализам.

Еден таков, оттогаш безброј пати повторуван, што денес во нашиот говорен јазик е веќе претворен во синтагма, раскажува за еден Рус и еден Бугарин што – очигледно како диви копачи – риејќи земја по стари тумби барале скриено богатство. Кога – на неверување и голема радост на обајцата – нашле цел ќуп со златници, Русот веднаш предложил делба на богатството помеѓу двајцата среќни наоѓачи: „Ќе го поделиме праведно, братски!“, рекол. „Ааа, не“ – се спротивставил Бугаринот – „нема братски, ќе делиме пола-пола!“

Принципот на симетријата (која е изведена од грчкиот збор symmetria и означува сомерливост или согласност на формата, димензијата и размерата), што е вткаен и во ирониското јадро на вицот за Русот и Бугаринот, е толку темелен формален принцип што го среќаваме не само во геометријата, или природните појави од областа на физиката, хемијата и биологијата, туку доминира и со несомерливо сложените психосоцијални интеракции на луѓето. Симетријата е всушност самиот темел и на човековата морална интуиција: врз него е изградена целата утопија за еднаквоста, слободата, достоинството и правичноста како основни и вродени, значи природни човекови права.

Еднаквост и почитување

За две нешта да бидат еднакви тие мора да се симетрични: тоа секому му е јасно без дополнителни објаснувања или докажувања. Оваа математичка премиса на неверојатен начин се вградила во биологијата, во еволуцијата на животот, што кај човекот – чијашто еволуција во последните милениуми може да се нарече културна, а не биолошка – таа ги уредува и најчувствителните емоционални чувства и интуиции. На тој начин симетријата ги уредува и љубовта и пријателството и симпатијата и дијалогот, односно комуникацијата: тие не се можни како еднострани односи, нерамноправни, асиметрични или невозвратени.

Симетричните односи имаат единствена основна претпоставка на меѓусебна еднаквост и почитување, зашто одржувањето на достоинството на двете страни е основниот услов за позитивен и морално исправен однос помеѓу две страни. Асиметријата, од друга страна, ја праќа пораката на сила, та асиметричните односи помеѓу две страни, два ентитета или што и да се, неминовно и неспорно се непријателски односи, односи од позиција на сила, во која едната од двете страни себеси се смета за супериорна над другата и се обидува таа асиметрија да ја материјализира по правило со злоупотреба на предноста што произлегува од нејзината супериорна позиција на моќ.

Сево ова беше непотребно да се повторува и да се објаснува, да не живееме во доба и во ситуација кога мораме да се правиме како да сме симетрични – значи еднакви – иако другата страна форсира асиметрични односи, полни со зли и одмазднички ресентимани, уценувачки односи со кои кобожем се уредуваат меѓусебните пријателски и добрососедски односи. Погодивте: зборувам повторно за перверзните односи со ѓоа пријателскиот бугарскиот сосед што се длабоко асиметрични по својата форма, содржина и чувства, па според тоа и непријателски по својата суштина и негаторски кон сите морални вредности вткаени во европскиот проект, а се пакуваат во пријателска и позитивна амбалажа во која кобожем се слават „европските вредности“ на патот на зачленувањето помеѓу „еднаквите меѓу себе“.

Основната премиса на симетричност на односите во дипломатијата се артикулира со стриктното правило на реципрочност во дипломатските односи и мерки во комуникацијата помеѓу две суверени земји. Така, за пример, кога во проблематични и напнати односи една земја ќе прогласи за „персона нон грата“ дипломатски претставници од друга земја, и ќе им одреди саатница во којашто мораат да ја напуштат земјата во која се акредитирани, нивното министерство за надворешни работи по правило протерува ист број дипломатски претставници од земјата што ги протерала нивните претставници. Колку и да е во некои ситуации бесмислено, ова дипломатско правило се почитува слепо, зашто – макар и со симболична и бесмислена акција – го одржува принципот на реципрочност, кој пак, од своја страна, е техника за одржување на симетричноста во меѓусебните односи и симетричноста на правата на сувереност во меѓународниот поредок.

Бугарската агресија

Но, како што гледаме веќе со децении, македонската суверена државна фиданка е упорно ставана во асиметрични и инфериорни односи кон своите соседи, и тоа од страна на европскиот клуб на држави што кобожем се здружени околу најправедните и најдемократските општествено-политички вредности. Лекцијата дека во геополитиката не постои премисата на симетричност – на тој предолг пат исполнет со опструкции и понижувања – веќе ја научивме, но соочени со бугарските агресивни и простачки аспирации – за коишто зборот асиметрија е ништо повеќе од еуфемизам – мораме да го научиме и второто правило на геополитиката: дека не постојат две исти, а последователни ситуации.

Поради тоа секакво ставање на еднаквост помеѓу грчките блокади на нашиот евроатлантски пат и овие сегашниве бугарски, е сериозна грешка во геополитичката проценка. Симетријата помеѓу грчката и бугарската блокада не може да постои најмалку од две причини. Првата е што во случајот со Грција ние бевме геополитички неодредена територија, што е по својата природа „легитимна цел“ на сите големи сили што имаат интерес да го утврдат своето доминантно влијание.

Втората е што грчките ултиматуми можеа во меѓународната арена да се објаснат со јасните и малоумни вмровски аспирации кон крвното, културното и територијалното наследство на античката династија на Аргеадите (династијата на Александар Трети Македонски и неговите предци), чијашто реалност стана очебијна со чудовишните (и исто толку грдите) споменици на античките кралеви во центарот на Скопје.

Во случајот со Бугарија ситуацијата е суштински различна според двете клучни компоненти на грчко-македонската асиметричност. Првин, ние сме сега полноправни членки на НАТО, што ни ја гарантира геополитичката безбедност и суверенитет, а второ, во односите со Бугарија таа е – и со нејзините историски испади и со денешните аспирации – во улога на агресор што упаѓа на наша културна, историска и географска територија. Тоа значи дека нашето однесување кон бугарските блокади во никој случај не треба да се споредува со ситуацијата во која бевме ставени кога Грција беше причината за нашите предолги мигови на неизвесност и тревога.

Од тоа произлегува и дека во односите со Бугарија ние мора да инсистираме на потполна симетрија во односите, значи апсолутна реципрочност во сите аспекти на нашите претпристапни „пријателски“ преговори: на Бугарите мора да им се порача дека можат да се занимаваат со промена само на своите учебници, називи, личности и настани, што се случиле само во рамките на нејзината денешна меѓународно призната територија, а ние ќе се занимаваме со своите. Не смееме веќе да дозволиме бугарската страна воопшто да зборува за настани, личности, историски или културни настани и ентитети што се случиле на нашата денешна меѓународно призната територија. И, толку.

Зашто, да се разбереме, Бугарите не вршат агресија врз нашата историја, култура, идентитет, јазик или историски ликови: тие вршат агресија врз нашиот суверенитет, нашата територија и самото наше постоење. Така што – како што веќе напомнав во некоја прилика – додека со потпишувањето на договорот со Грците ја „купивме“ нашата геополитичка безбедност и егзистенција, со удоволување на бугарските барања – прецизно објаснети во Објаснувачкиот меморандум – ќе ја претвориме во ништо нашата национална, историска и културна посебност и егзистенција, односно ќе престанеме да постоиме.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот