За преговорите со ЕУ треба стручен технократ, а не политички функционер

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Не е најсреќно решение вицепремиерот Бојан Маричиќ да биде на чело на преговарачкиот тим. Не поради неспособност, туку зашто е политички именувана личност, а тоа не гарантира континуитет при смената на власта, сметаат експерти упатени во евроинтеграциите.

Преоптимистичка, несериозна, нереална – вака експертите ја оценуваат проекцијата на Владата дека до 2030 година Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе стане членка на Европската Унија. Според нив, не е најсреќно решение вицепремиерот Бојан Маричиќ да биде на чело на преговарачкиот тим. Не поради неспособност, туку зашто е политички именувана личност.

Најмалку што ни треба е политички фронтмен наместо стручен технократ што ќе го води процесот од почеток до крај. А, ако е политичко решение, добро е до него да се дојде со консензус. Експертите потсетуваат дека речиси сите земји се определиле за натпартиски личности за функцијата главен преговарач со ЕУ, вклучувајќи го и последниот пример со Хрватска, чиј главен преговарач беше Владимир Дробњак, кој го почна и го заврши процесот на преговори. Дробњак од вчера е во посета на земјава и со Владата ќе ги сподели хрватските искуства.

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, преговарач на политичко ниво обезбедува силна политичка поддршка за процесот, која несомнено е потребна, но и ризик при промена на власта.

И Марко Трошановски од Институтот за демократија е со сличен став.

„Со именувано лице, како Маричиќ, не се обезбедува континуитет на позицијата главен преговарач, што е многу важно. Во суштина за главен преговарач треба лице што е избрано со консензус“, вели Трошановски за „Слободен печат“.

За проекцијата на Владата за завршување на преговорите во 2030 година вели дека е нереална, зашто, без разлика на нашата, треба да се смета на политичкиот фактор и на подготвеноста на ЕУ за проширување.

– Секој циклус на проширување трае сè подолго, а кај нас ќе опаѓа поддршката поради непопуларноста на реформите и без оглед на украинската криза. Додека Унијата внатрешно не се реформира особено во однос на одлучувањето со консензус, нема да има подготвеност за проширување – ни изјави Трошановски.

Истражувањата на ЕПИ покажуваат дека, гледајќи од аспект на усогласеност со законодавството во ЕУ на ниво на сите поглавја, стоиме добро споредено со земјите од регионот и тоа би била наша предност.

– Сепак, затворањето на преговорите зависи од Европската комисија и од волјата на земјите членки да примат нови држави во догледно време – вели Кацарска.

А во прилог на ваквите ставови се и изјавите на францускиот претседател Макрон и на германскиот канцелар Шолц дека проширување на Унијата нема да има додека самата ЕУ внатрешно не се реформира.

Според Кацарска, за да го забрзаме темпото на преговорите, треба да бидеме многу добро подготвени внатрешно, да ги користиме искуствата што ги имаме, да обезбедиме континуитет на структурите што ќе ги водат преговорите и Владата да ги мобилизира сите актери во процес што би се заокружил во догледно време.

Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена изјави дека македонската Влада се надева на завршување на пристапните преговори со ЕУ до 2030 година и информираше за воспоставената структура за преговори. Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како и странски експерти.

Ковачевски, како што рече, верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците и апелираше за општествен консензус за постигнување напредок кон ЕУ, за вклучување на граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата, академската заедница. Тој ја повика и опозицијата активно да учествува, да го поддржи и да го помогне процесот.
„Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта што си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека до следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија“, рече Ковачевски.

Маричиќ, пак, како главен преговарач со ЕУ, објасни дека преговарачката структура содржи и Комитет за преговори, претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Шеф на Државната делегација за преговори ќе биде министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во составот на преговарачката структура е вклучена и група за преговори составена од главен економист, главен правник и главен антикорупционер, а формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. Преговорите ќе ги координира Секретаријатот за европски прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот