За капитални инвестиции до мај потрошени само 58 милиони евра - Слободен печат
ВестиЕкономија

За капитални инвестиции до мај потрошени само 58 милиони евра

Она што е за охрабрување е што секој месец се зголемува реализацијата на износот за капитални проекти: Во јануари биле потрошени 4,6 милиони евра, во февруари 10,3, во март 11,3, во април 15,3 и во мај 16,5 милиони евра.

За 5 месеци од годинава, односно заклучно со мај, потрошени се само 13,74 отсто од вкупниот годишен буџет наменет за патишта, пруги, гасовод, училишта, енергетски и други капитални проекти, кои се финансираат од државната каса.

Ова го покажуваат податоците од Министерството за финансии, според кои во овој период за капитални расходи се потрошени 58 милиони евра, додека во државната каса, за цела година, има на располагање 422 милиони евра.

Но, она што е за охрабрување е што секој месец се зголемува реализацијата на износот за капитални проекти. Така, во јануари за нив биле потрошени 4,6 милиони евра, во февруари – 10,3 милиони евра, во март – 11,3 милиони евра, во април – 15,3 и во мај – 16,5 милиони евра.

Минатата година, реализацијата на капиталните инвестиции беше 66 отсто.

Ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции, постојано е критикувано од опозицијата, додека власта се правдаше со непотполна документација и со низа проблеми што ги наследиле од претходната власт, пред се во однос на автопатот кон Охрид, поради што била оневозможена да го сработи испланираното.

На пратеничко прашање, пред еден месец премиерот Зоран Заев рече дека оваа година ќе имаме голема реализација на капиталните инвестиции.

– Годинава ќе имаме голема реализација на капиталните инвестиции поради тоа што имаме проекти со избрани изведувачи, со кои разговараме да го зголемат интензитетот на изградба за да можеме да ја забрзаме исплатата – рече Заев.

Тој појасни и дека 87 отсто од предвидените пари ќе се потрошат за патишта, железници и гасификации, додека 13 отсто за градинки, училишта, водовод, канализации…

Сугарески: Реализиравме 50 отсто од гасификацијата

Бележиме одлична реализација на капиталните инвестиции предвидени во ресорот „транспорт и врски“, напиша вчера на својот профил на Фејсбук министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

„Оваа 2019 година се собираат плодовите од затекнатите административни пречки од минатиот период. Заклучно со јуни реализираме 50 отсто од гасификацијата. Уште од сега со сигурност може да најавам 100 проценти исполнување на овој клучен проект. Изградбата на социјалните згради е 100 проценти реализација. Во моментов работиме на изградба и рехабилитација на 44 патишта или вкупно 550 километри. Течат 28 проекти за изградба на 187 километри комунална мрежа која ќе служи за 225 илјади жители“, информираше Сугарески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close