Вучиќ: Приштина сака да нападне, ама Србите повеќе зулуми нема да трпат

Српскиот претседател Александар Вучиќ/Фото: Jure Makovec / AFP / Profimedia

Српскиот претседател Александар Вучиќ се огласи откако се зголемија тензиите на северот на Косово, каде Србите организираат блокади на патиштата.

Вучиќ упати молба за мир на Косово поради зголемените тензии со Приштина. Но, тој, исто така, вети дека „ќе се бори до смрт“ доколку етничките Срби на Косово бидат цел на нов погром како оној во 2004 година.

„Атмосферата е вжештена и Србите нема да трпат повеќе злосторства“, рече Вучиќ во неделата во Белград. „Мојата молба до сите е да се обидеме да го зачуваме мирот речиси по секоја цена. Ги молам Албанците да се вразумат, Србите да не наседнуваат на провокации, но ги молам и претставниците на моќните и големи земји, кои ја признаа таканаречената независност на Косово, малку да внимаваат на меѓународните законот и реалноста на теренот и да не дозволат нивните штитеници да предизвикуваат конфликти,“ изјави Вучиќ , според „Политика“.

Приштина е одлучна да ги спроведе новите административни правила со кои се бара од етничките Срби што живеат на спорната територија да ги заменат своите српски лични документи и табличките на возилата со косовски таблички, почнувајќи од понеделник. Косово од утре ќе им издава привремени документи на патниците со документи или регистарски таблички издадени од Србија.

Во северниот дел на Косово во текот на денот ечеа црковните ѕвона, а потоа со часови и сирена за узбуна, откако се проширија вести дека вооружени етнички Албанци, со помош на косовската полиција, се собираат за уште еден погром на преостанатите Срби – како што се случи во 2004 година.

Улиците во српскиот дел од Митровица вечерва се пусти, а и натаму ечат сирените.

Српскиот претседател минатиот месец тврдеше дека политиката на регистрација била дел од напорите да се принудат преостанатите Срби да излезат од Косово. Тој го нарече потегот „нова Олуја“, алудирајќи на хрватската воена операција во 1995 година, која ги принуди повеќето Срби да избегаат од Хрватска.

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, вчера им изјави на новинарите дека албанската страна „буквално се подготвува да направи пекол за Србите“.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави рече дека транзицијата кон несрпски документи е само примена на „правото и правдата“ подеднакво за сите граѓани.

„Имајте доверба во вашата влада“, рече тој во видеопораката на српски јазик.

Вучиќ тврди дека „провокациите“ против Србите што живеат на Косово се зголемени откако Курти, националист што ја застапува идејата за обединување на Албанците, стана премиер минатата година. Бројот на ваквите инциденти, вклучително и нападите на етничките Албанци на српските гробишта и православните цркви, се зголеми за 50%, изјави тој за новинарите во неделата.

„Ние не сакаме конфликти и не сакаме војна“, рече Вучиќ во својот говор. „Ќе се молиме за мир и ќе бараме мир, но веднаш да ви кажам: нема да има предавање, а Србија ќе победи. Ако се осмелат да почнат да ги прогонуваат, малтретираат и убиваат Србите, Србија ќе победи“.

Вучиќ, исто така, шпекулираше дека Приштина се обидува да ја искористи украинската криза со тоа што ќе предизвика конфликт во кој Курти со симпатии ќе биде прикажан како косовска верзија на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а Србите се во улога на Русија и претседателот Владимир Путин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот