Воздухот во Кичево и Струмица енормно загаден, стапуваат во сила мерки и препораки

Загаден воздух / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кичево и Струмица го надминаа прагот на аерозагадување, два дена мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ10 честички повеќе од дозволеното. Завчера во Струмица се измерени 185.32, а вчера 206.12 микрограми на метар кубен. Во Кичево завчера се измерени 152.26, а вчера 179.96 микрограми на метар кубен. Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, во овие градови стапуваат во сила повеќе мерки и препораки.

Фото: МЖСПП

Се препорачаат на сите правни субјекти (работодавачи) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, повозрасни лица, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Се препорачува на сите правни субјекти (работодавачи) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Од МЖСПП наведуваат дека Владата треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила и да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа потребно е да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство, како што се наведува, треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека ќе подготват и достават Препорака до инсталациите кои поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините, стои во соопштението од МЖСПП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот