Водич за зимница: Стари рецепти од нашите баби за најдобри домати, пиперки и кисели краставички

Под зимница мислиме на сè што сакаме да „зачуваме“ од летото и да го јадеме и во зима. Грашок, кисела зелка, зеленчуци, компоти, џемови, слатка, сирупи, домати или сè што се користи за јадење во едно домаќинство.

Зимницата се остава во тегли и се чува во оставата или подрумот. Сите од нас имаме по некоја залутана тегла од слатко, компот, мармалад, џен, подварен зеленчук, печени пиперки, краставици во вода или оцет, сокови од разни овошја и што ли уште не.

Правилата за зимниците се: исправни капачиња за тегли, добар квалитет на овошјето и зеленчукот, а особено местото каде што ќе ги чувате теглите да нема влага!

Ако ја ставите зимницата во обични  тегли без херметички капаци, теглите мора да бидат цврсто врзани со целофан или пергаментна хартија и канап. Иако најдобро зимницата се чува во тегли со капак на винт.

Кисели краставички

Подгответе:

  • 1 кг. краставици (помали, најдобро корнишони)
  • 1 литар вода
  • 40 гр. сол
  • две и пол лажици оцет
  • неколку зрна бибер. 

Свежите краставици распоредете ги по големина, потопете ги во вода и оставете ги да стојат некое време. Потоа измијте ги во чиста вода, по можност со четка. Исечете им ги врвовите. Истурете ги краставиците во топла вода и оставете ги да се изладат, па ставете ги во теглите.

Пред да ги ставите во тегла,  може да ги боцнете на неколку места со чиста игла или чепкалка за заби за подобро да се апсорбира растворот.

Одделно направете го растворот: измерете вода, додадете сол, малку шеќер, бибер и оцет, па зовријте ја целата содржина.

Наполнете ги теглите со краставиците со што е можно пожежок раствор.

На дното од тенџерето ставете крпа или дрвена подлога. Наредете ги теглите, наполнете го садот со вода и чекајте за зоврие.

Кога водата ќе почне да „шушка“, тоа значи дека достигнала температура од 80 степени. Оставете ги теглите со краставици на оваа температура 25 минути и потоа извадете ги. Кога ќе се изладат, сместете ги на некое ладно и суво место.

Сос од домати

За овој рецепт мора да изберете целосно зрели плодови. Од подрасипани или незрели плодови, сокот многу лесно може да се расипе!

Доматите прво мора добро да се измијат. Потоа се отстрануваат зелените делови и се сечат на парчиња.

Вака подготвените домати ставете ги во поголема чинија и добро изгмечете ги да пуштат сок, и ставете ги во тенџере или шерпа да се варат

Доволно е да врие од 15 до 20 минути. Потоа доматите се пасираат. Откако ќе се испасираат повторно го враќате во тенџере и продолжувате со варење.

Времето на варење е различно, во зависност од количината на домати, а исто така и од густината што сакаме да ја достигнеме, па се движи од половина до еден час.

Обично сокот се вари за да биде малку поредок, така што по истурањето и ладењето над густиот дел да се одвојува еден слој течност.

Во исто време додека се варат доматите, се подготвуваат шишињата. Тие мора да бидат потполно исти, измиени и варени во вода или измиени и ставени во рерна на температура од 120 степени.

Шишињата не смеат да бидат прегреани кога ќе ги полните со сокот, затоа што тогаш има разлика во температурата на стаклото и сокот, што може да доведе до пукање на шишињата.

Наполнетите шишиња со сок ставете ги на суво место. Покријте ги со ќебе за да ја задржите топлината што е можно подолго, за да се стерилизира сокот.

Вообичаеното додавање на салицилна киселина е непотребно и штетно! Ако сè е чисто и ако се следат упатствата ќе имате одличен сок од домати за ладните зимски денови.

Печени пиперки со лук за зима

Меснатите пиперки се мијат и се печат на скара или во масло. Рамномерно печете од двете страни, но внимавајте да не ви изгорат. Почекајте малку да се изладат, излупете ги, а доколку не ви пречи можете да ги ставите и со лушпа.

Измешајте вински оцет со масло, сол и толчен лук и натопете ја секоја пиперка, па наредете ја во помали тегли. Не ги притискајте пиперките, оставете ја теглата празна за два прста.

Откако ќе го направите тоа, истурете ја мешавината од оцет, масло и лук во која ги потопувавте пиперките. Доколку не јадете лук, не мора да ставате но важно е да се знае дека лукот е клучната состојка!

Затворете ги теглите со целофан или пергамент хартија и оставете ги на ладно место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот