Во септември почнале да се градат 557 нови станови

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Во септември почнале да се градат 557 нови станови, со вкупна површина од над 45 илјади квадрати. Надлежните институции за тој месец издале 248 одобренија за градба, што е за 15,9 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Предвидената вредност на објектите изнесувала речиси 3,3 милиони денари, што е за 65,2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 56,1 проценти биле наменети за објекти од високоградба, а 13,3 проценти за изградба на куќи. Според статистичките податоци во септември се реконструирале и 76 објекти.

Инаку во третиот квартал годинава на пазарот на недвижности се регистрирани 5.985 трансакции, што е речиси 2.000 повеќе во однос на вториот квартал. Според последниот извештај на Регистарот на цени и закупнини, ова укажува на раст на пазарот на недвижности во обемот на тргување. Податоците покажуваат дека во периодот јули – септември годинава во државава се продадени 688 новоизградени станови, за седум повеќе од вториот квартал годинава, а од  вкупно 1.099.133 стана, под хипотека се 143.588 или 13,06 отсто од становите.

– Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности, заклучно со септември на целата територија на државата има 6.923 стана кои се изградени, а сѐ уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 487.  Исто така катастарот издал 13.505 листови за предбележување на градба што укажува дека тие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на нови градби моментно ја задоволува побарувачката на нови станови – стои во извештајот. Анализата  од Регистарот покажува дека како и во претходните квартали во Општина Центар е највисока цената на становите  и за метар квадратен таа во просек изнесува 58.489 денари, за илјада денари помалку во просек се плаќа за метар квадратен станбен простор во Општина  Карпош, а во општините Аеродром и Кисела Вода, по 55.037 односно 52.922 денари.  

Податоците од извештајот покажуваат дека во Скопје под хипотека се 22,14 проценти од становите, во Неготино 18 проценти, во  Гевгелија 16 проценти, Кавадарци 14 проценти, а во Кратово хипотека има само над 1,36 проценти. Статистиката од закупите, пак, покажува дека во третиот квартал годинава во Регистарот на цени и закупнини се запишани 1.407. Најголем  број се на деловни простори, 36 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот