Во прашање е вистината, ништо друго

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Денес упорно зборуваме за европски вредности и дека сакаме Европа во Македонија? Вистината е таа европска вредност. Таа ќе нè направи Европа. Без вистината сме само Балкан каде што фактите се факти само кога ни одат во прилог.

Може ли некој да ве гледа в лице и да ве лаже? Може. Го прашувам Гугл да ми каже зошто луѓето лажат. Тоа е од желбата да ја контролираат ситуацијата, ми одговара.

Кога вистината не е во согласност со таква контрола, произведуваат лага што го потврдува саканиот наратив. Го прашувам да ми ја објасни разликата меѓу компулсивниот и патолошкиот лажго. Тој вели дека кај компулсивниот може и да нема мотив, па и ако се разоткрие неговата лага, не е во состојба да се соочи со вистината. Кај патолошкиот лажго, пак, најчесто има јасен мотив.

Што е заедничко за сите лажговци, прашувам. Лажговците се смешкаат, потврдуваат со главата, се наведнуваат нанапред и воспоставуваат контакт со очите на соговорникот, карактеристики што се својствени за чесни луѓе.

Откога паметам за себе сум имал проблеми со лажговци, компулсивни или патолошки. Научив дека секогаш било најважно да се излаже во потребниот момент зашто никој веќе не се враќа по вистината. Никој, имено, не ја сака непријатноста да ја истражува и да ја најде вистината.

Уште како асистент, на седница на мојата катедра ми беше укажано дека моите ставови во приложениот текст не се во согласност со законот. Така се донесе одлука спротивна од онаа што ја предложив. По седницата проверив и утврдив дека сепак моите ставови биле во целосна согласност со законот. Но, одлуката беше донесена и на наредната седница никого од професорите на Правниот факултет не го интересираше вистината, ниту, пак, некој ми се извини.

Постар професор и висок функционер во правосудните органи на федерацијата, во тетратката за одржана настава запиша полна училница, а не празна како што напишав јас за истиот тој клас. Комшијата од времето на куќните совети се насмеа на глас и на неговиот пријател му рече покажувајќи кон мене – тој им верува на луѓето.

За среќа, имав професија која се сведуваше главно на моја комуникација со студенти, која беше искрена и без измами од типот: јас ги спуштам критериумите за лесно да се положи испитот, а вие не барате од мене да се трудам да ве научам нешто.

Понтиј Пилат, римскиот прокуратор на Јудеја, ѝ дал на толпата да бира кој да биде распнат, Исус или Барабас, вистината или лагата. Толпата застанала на страната на лагата.

„Што е вистина“, со потсмев прашал тој, одмавнал со раката и заминал без да сочека одговор.

Соочени со проблеми и ние денес често заминуваме пред да ја дознаеме вистината. Зошто, се прашав во една колумна објавена во 2006 година. Затоа што човековата природа се плаши од трудот, трпението и непријатностите кои се неопходни за да се стаса до вистината. Се плаши и од самата вистина којашто знае да биде многу вознемирувачка.

Денес упорно зборуваме за европски вредности и дека сакаме Европа во Македонија? Вистината е таа европска вредност. Таа ќе нè направи Европа. Без вистината сме само Балкан каде што фактите се факти само кога ни одат во прилог.

 

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот