Во февруари јавна расправа: Дали Водно ќе се прогласи за заштитено подрачје?

Министерството за животна средина најави дека годинава ќе заврши процесот на прогласување на планината Водно за заштитено подрачје откако претходно нацрт одлуката за прогласување ќе помине низ јавна расправа, на која своите забелешки ќе можат да ги дадат екологистите и другите заинтересирани страни.

Ресорното министерство (МЖСПП) ги најави јавните расправи за почетокот на февруари.

Во ноември лани Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која го задолжи министерството да спроведе јавна расправа по предлогот, да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел и конечниот предлог да го достави до Владата на усвојување.

Со прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија заштитен предел ќе се овозможи: заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје, како и донесување на План за управување, велат од Министерство за животна средина.

За заштита на Водно веќе неколку години се кршат копја помеѓу еколошките здруженија, од една, и Владата и Град Скопје, од друга страна, особено откако екологистите во 2018 година се обидоа да ја спречат изградбата на гасоводот преку сртот на Водно. Тие во повеќе наврати се спротиставија на предложениот обем и степен на заштита на Водно, барајќи таа да биде насочена кон спречувањето на неговото уништување и прекумерна урбанизација.

Предлог актот е достапен за увид и коментирање на веб страницата на МЖСПП и на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР), а јавна расправа по предлог актот ќе се одржи помеѓу 1 и 5 февруари 2021 година, со дополнителна најава.

Мислења, забелешки и сугестии можете да се достават на електронската адреса: [email protected] .

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот