ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за несреќата во Тетово и обвинение за случајот

Тетово пожар
Увид по пожарот во тетовската модуларна болница / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара морална одговорност и оставки за несреќата во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, во изјавата за медиумите во Собранието, посочи СДСМ и ДУИ, обвинувајќи се меѓу себе откриваат дека немало соодветен надзор на модуларните објекти, немало противпожарен систем за заштита, технички прием, ниту атестирани материјали, што би гарантирало безбедност на пациентите, што е вели, надвор од сите норми и правила, ова е нестручно и недоговорно работење од страна на надлежните органи.

– Од сè што до сега излезе во јавноста, јасно е дека виновни за пропустите се токму СДСМ и ДУИ и никој друг. Токму затоа мора да има одговори на следните прашања: Зошто Заев, Филипче и Хасани дозволија изградба на болница која нема основни стандарди? Дали и зошто не ги послушале советите на експертите да не ги вградуваат високо запаливите ПУР панели во модуларните болници? Колкава е разликата во цената помеѓу ПУР панелите и панелите кои имаат поголема отпорност и дали за пари некој дозволил да се изгради болница која изгоре за само три минути? Ова се клучни прашања кои ги засегаат сите. Ова се прашања чии одговори ќе нè одведат до вистината и виновниците за трагедијата во болницата во Тетово. Затоа, бараме одговори веднаш! Јавното обвинителство да не чека и веднаш да покрене обвиненија, рече Велјановски.

Тој ги отфрли обвинувањата од СДСМ дека го блокираат донесувањето на важни закони во Собранието и оти пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата се цело време во Собранието и конструктивно работат на донесување на овие закони, а за неработењето на Собранието вината ја префри на мнозинството.

– Зошто мнозинството не закажува пленарни седници и зошто не обезбедува кворум за работа. Ние сме цело време тука, вели Велјановски.

Тој најави дека покрај иницијативата за анкетна комисија во Собранието за случајот со тетовската модуларна болница, од партијата ќе следат и дополнителни иницијативи за утврдување на вистината.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот