Владиката и 300 апостоли

Григорије зад себе има национално определени граѓани, а неговата несомнена слаткоречивост како да ги маѓепса и деловите на проевропската опозиција која го посакува на местото на новиот патријарх, а многумина го охрабруваат да се кандидира на претседателските избори наредната година

Еден владика на Српската православна црква кој службува во Германија, сериозно ја вознемири власта во Белград, навестувајќи политички ангажман против актуелниот режим на Александар Вучиќ.

Епископот диселдорфски и на цела Германија, Григорије, го израдува естаблишментот со неодамнешната изјава – Косово е наше – тоа е цврст став на световната и духовната власт – но во истото интервју следуваа зборовите што предизвикаа вистински земјотрес.

– Не постои ниту еден човек кој може да биде спасител, потребно е да се направи систем да не мораме секојпат повторно да бараме нов спасител – кажа владиката откривајќи дека планира околу себе да ги собере луѓето кои се спремни да се жртвуваат за Србија, како би создале систем во кој ништо нема да зависи од еден човек.

– Системот можат да го направат млади луѓе во кои јас верувам и со кои разговарам и тоа е мојот план – изјави тој, најавувајќи дека му е желба да собере 30, а ако е возможно и 300 луѓе спремни за политичка борба.

Толку за планот што тој не сака да го открива „бидејќи за тоа е прерано“. Сепак, владиката повикува на внимателност и најавува макотрпен труд. Каде ги бара тие „300 апостоли“, исто така не е познато, но во круговите на власта завладеа тивка паника, бидејќи владиката ми можел да капитализира на угледот што црквата го има во народот, на личната популарност која ја стекна со некои свои либерални размислувања и дека би можел да се покаже поправоверен од Александар Вучиќ по националното прашање.

Григорије зад себе има национално определени граѓани, а неговата несомнена слаткоречивост како да ги маѓепса и деловите на проевропската опозиција која го посакува на местото на новиот патријарх, а многумина го охрабруваат да се кандидира на претседателските избори наредната година.

Владиката по се изгледа не сака лично да се вклучи во политичкиот живот. Приказните за кандидатурата ги нарекува шпекулации на луѓето кои се малку или воопшто не се информирани. Тој најмногу би сакал да остане епископ, но нема сомнеж дека е охрабрен од случувањата во Црна Гора каде што покојниот митрополит Амфилохије, со организирањето на литии, даде огромен придонес за падот на тридецениската власт на партијата на Мило Ѓукановиќ, а потоа го одреди и новиот премиер и составот на неговиот кабинет.

– Признавам дека сум горд на тоа што црквата го покажа, дека и те како успешно и достоинствено може да ја игра улогата на коректив во едно општество. Од Ловќен ни пристигаат воздишки на слободата, а слободата е како што кажува Његош е јуначки имот – порача Григорије.

Идејата дека владиката од Диселдорф би можел да прерасне во обединувачки фактор во отпорот против режимот и дека на избирачите би можел да им понуди српска варијанта на Здравко Кривокапиќ, израдува голем број политички ривали на Вучиќ, кои сакаат да веруваат дека автократијата во Србија е во терминална фаза, иако голем број аналитичари проценуваат дека тој тешко дека би можел пресудно да влијае на промените.

Во здружението Собрание на слободна Србија, која ја обединува белградската интелигенција со различни ставови, веќе јавно го поддржаа владиката, во кого препознаваат сојузник во борбата за владеењето на правото, слободни избори и медиуми, како и домаќинска грижа за Србија.

– Тоа што го говори Григорије е приказна на многу загрижен човек и во својата суштина е милји далеку од тезите на епископите кои Вучиќ го слават како Христос – вели адвокатот Божо Прелевиќ, целејќи на членовите на Синодот кои јавно го слават претседателот – што е благодарност за десетици милиони евра кои минатата година тој ѝ ги додели на црквата, обидувајќи се да го ублажи нејзиниот отпор околу преговорите за Косово.

Владиката Григорије поради своите ставови одамна е цел на конзервативните владејачки кругови на СПЦ, кои го, сметам, од епархијата херцеговачко-захумска го испратија во Диселдорф за да го оддалечат од паствата. Тој поседува несомнена харизма и потсетува на „Малиот папа“ од филмот на Паоло Сорентино.

Иако го следи глас дека соработувал со Милорад Додик и со тоа стекнал богатство, дека ја обожува серијата „Наркос“, како и автомобили од марката „масерати“, дека еден негов објавен текст е за Марадона, неговите реформаторски размисли излегуваат од тврдите црковни рамки, па дури и директно спротивставени на конзервативците што би сакале да ја сочуваат СПЦ во Средниот век.

Неговиот збор се слуша, па по најавата дека би сакал да создаде систем во кој ништо нема да зависи од еден човек, стана цел на остри критики. „Еден човек“, што е јасна алузија на Вучиќ, не предизвика реакција од претседателот, но затоа на неговите медиумски преторијанци им беше препуштена пресметката со владиката кој би требало да го собира народот, а не опозицијата како што поедноставнето му припишуваат критичарите.

Поддршката која владиката ја ужива во круговите на српската опозиција понча да се толкува како „негов најбестијален личен маркетинг“, како „накарадна религијско-митолошки дискурс“, бапска приказна за Мојсие, за новиот пророк, ангелот на небото кој конечно ќе ја заврши „замислената борба“ на доброто и злото.

– Повторно е посегнато и за митолошкиот спасител, обединувачот, опозициониот светец, кој еве само што не успеал да оди по вода, да претвори вода во вино, да ги изведе Србите од Египет, да ги оживи мртвите и да го симне Вучиќ засекогаш – пишува колумнистот на режимскиот таблоид „Информер“, под насловот „Спарта на владиката!“.

Бараат тој да биде распопен – не му приличи на владиката Григорије на еден Херцеговец, да упатува зборови на граѓаните на Србија. Најлошо е ко за Србите се борат дојденци – еден од коментарите кои на полемиката и даваат прекудринска димензија.

Факт е дека власта повеќе се грижи за политизираниот активизам на еден владика, отколку за регуларната опозиција е тажна потврда за желбите на Вучиќевите противници, некој друг да ја оствари политичката промена на власта. Тоа е работа која во секуларна држава треба да ѝ припаѓа на опозицијата, но таа е разединета, безидејна и конфузна, без прав лидер, бидејќи е притисната од борбата на личните суети. Наместо да понуди темелни политички промени, опозицијата се крие зад мантии.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот