ВИДЕО: Тумба Маџари-праисториска населба во Скопје, дали некогаш сте ја посетиле?

Фото: Слободен печат/Елизабета Д. Спасеновска

Археолошкиот локалитет Тумба Маџари е неолитското село кое претставува музеј на отворено. Населбата или локалитет којшто потекнува од младото камено време неолит, односно од пред 8.000 години е откриенаа кон крајот на 60-тите години е откриена населба. Иако овој археолошки локалитет има непроценлива вредност, скоро секогаш е празен и без посетители. Многумина иако живеат во непосредна близина дури и не знаат дека во нивната околина има неолитско село, или пак слушнале ама никогаш не го посетиле. А не се ниту свесни што пропуштиле.

Преку разговор со археологот Елена Канзурова од Археолошкиот музеј на Македонија, ви пренесуваме дел од секојдневието на македонскиот праисториски човек.

– Градот Скопје е еден од ретките градови во светот кој на својата територија има археолошко богатство кое датира од пред 8.000 години. Првите археолошки истражувања започнаа кон крајот на седумдесеттите години, а интензивни систематски истражувања имало во 80-тите и 90-тите години. Карактеристично е тоа што изминатите години беа пронајдени многу живеалишта изградени од природен материјал како дрво и глина. Во тие куќи ние археолозите пронаоѓавме разни предмети, најчесто садови и разни керамички предмети но и дел од нивната покуќнина, како печки и огништа. Најкарактеристични за овој локалитет се керамичките фигурини со претстави за Големата мајка, објаснува Канзурова.

Фото: Слободен печат/Елизабета Д. Спасеновска

Во комплексот има четири куќи кои го покажуваат животот во неолитско време.

Тумба Маџари е одамна афирмиран локалитет, но куќите кои биле направени во тоа време за жал се срушиле, поради тоа што биле изградени од природен материјал. Со цел да граѓаните да им се покаже како се живеело во неолитско време, во 2008 година со поддршка на Министерството за култура, Управата за заштита на културно наследство и Општина Гази Баба се изгради овој музеј на отворено, популарно наречен неолитско село. Во комплексот има четири семејни куќи кои го покажуваат животот во неолитско време. Во куќите има информативни табли на македонски и англиски јазик, направена е и едукативна просторија во која при посета на ученици или студенти им се овозможуваат едукативни предавања за археолошкиот локалитет а има и сувенирница која се уште не е пуштена во функција, објаснува археологот Елена Канзурова.

Фото: Слободен печат/Елизабета Д. Спасеновска

Неолитското село е многу популарно и често избирано за посета од страна на училиштата и градинките, а особено е атрактивно за изучување на праисторијата на Македонија по предметот историја. Пред почетокот на пандемијата оваа неолитска населба била често посетувана од гости од Македонија и странство. Индивидуалниот влез е слободен, а  за организирана посета се плаќа 30 денари за влез во Тумба Маџари, кои се уплатуваат на сметката на Археолошкиот музеј на Македонија. Работното време е од среда до петок од 8 до 14 часот, додека за викенд е отворен од 10.30 до 17. 30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот