ВИДЕО: Српска активистка фрлала со јајца кон муралот на Ратко Младиќ, полицијата ја уапси

Муралот на Ратко Младиќ во Белград/ Фото Twitter Balkan Insight

Полициец во цивилна облека денеска во Белград ја уапси активистката за човекови права Аида Чоровиќ, откако таа фрлила неколку јајца на муралот на Ратко Младиќ во Белград, потврдија за медиумите активисти на невладини организации кои претходно најавија дека денеска ќе го обојат муралот, но полицијата го забрани собирот поради „безбедносни причини“, пренесува Блиц.рс.

Неколку десетици полицајци во униформа и цивилна облека беа распоредени во текот на денот на раскрсницата на улиците Његошева и Алекса Ненадовица во Белград, каде што неколку невладини организации претходно денеска во 16 часот најавија дека ќе сликаат мурал посветен на водачот на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства.

Пребојувањето на муралот го најавија Младинската иницијатива за човекови права и поранешната шефица на Фондот за хуманитарно право Наташа Кандиќ, а најавено е и учество на повеќе невладини организации од БиХ и Хрватска.

Полицијата го забрани собирот со цел „да се избегнат конфликти“, а денеска соопшти дека „го штити јавниот ред и мир“, обвинувајќи одредени медиуми „со политички интереси и цели на нивните сопственици“ дека „уште еднаш лажат и го напаѓаат МУП“, пишува Јутарни Лист.

Вулин: Лицемерни и злобни намери

Министерството за внатрешни работи на Србија денеска соопшти дека „полицијата не го штити муралот, туку го штити јавниот ред и мир“ и „го контролира спроведувањето на забраната за собири“, и затоа „ги легитимизира сите лица, без разлика на нивниот однос кон муралот на генералот Ратко Младиќ“.

Оценките на Полициската управа на Град Белград и наредбата на министерот за внатрешни работи Александар Вулин „се покажаа како точни, а забраната за сите собири го зачува јавниот ред и мир“, соопшти српското МВР.

Министерот Александар Вулин претходно, во образложението за забраната за собирот, рече дека дозвола да се соберат нема да добијат ниту оние кои имаат намера да го пресликаат муралот, ниту оние кои сакаат да го зачуваат, оценувајќи дека поканата на невладините организации од БиХ, Хрватска, Жени во црно и други да дојдат во Белград „за да ги обојат фасадите, лицемерно, се предводени од зла намера“.

Младинската иницијатива за човекови права (ЈИЧП), како иницијатор за отстранување на муралот, во отворено писмо соопшти дека ќе се откаже од акцијата бидејќи „тоа повеќе не е обичен мурал, туку споменик на Младиќ, подигнат од непознат автор, но ставен под српска заштита од страна на Министерот Александар Вулин, како и од молкот на претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ“.

Според ЈИЧП, ова е „логичен чекор по долги години славење на криминалците како херои“ од страна на целиот политички и државен апарат и „немање храброст и совест за преземање одговорност за злосторствата извршени во име на српскиот народ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот