ВИДЕО: Седуммина туристи загинаа, ги затрупа лавина додека се сликаа на Хималаите

Фото: Reuters Science News

Лавина денеска усмрти седуммина туристи во индиската хималајска држава Сиким, во близина на планинскиот премин до кинескиот регион Тибет, а спасувачите ја прекинаа потрагата по телата со доаѓањето на ноќта.

Армијата соопшти дека најмалку 20 луѓе биле спасени откако неколку возила кои превезувале туристи до преминот Нату Ла, меѓу Сиким и Тибет, биле погодени од лавина.

На социјалните мрежи се споделуваат снимки од несреќата во кои се гледа како лавината и водопадот во чија близина туристите се фотографирале ги исфрлаат низ долот, а дел од нив за жал завршуваат и под лавината.

Локалната полиција додаде дека осуммина преживеани се во критична состојба.

„Правиме уште една проверка пред да ја прекинеме операцијата за спасување бидејќи е темно и повторно врне снег, изјави во телефонско интервју за Ројтерс високиот полициски функционер Тензинг Лоден Лепча“, пренесува Хина.

Во последните две години неколку лавини ги погодија индиските Хималаи, при што загинаа најмалку 120 луѓе.

Спасувачките тимови претходно соопштија дека стравуваат дека најмалку 70 луѓе се затрупани под снег на местото на несреќата, на околу 40 километри од главниот град Гангток.

Фотографиите објавени од индиското Министерство за одбрана покажуваат дека спасувачите копаат со лопати во близина на водопадот.

Со тешка механизација се работи на расчистување на снегот што го остави зад себе лавината, покажуваат фотографиите.

По расчистувањето на снегот од патот, спасени се уште 350 туристи и 80 автомобили, се наведува во армиското соопштение.

Секоја година, илјадници туристи го посетуваат Сиким, наречена „Земја на мистичниот сјај“, која се наоѓа под планината Канченџунга, третата највисока планина во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот