ВИДЕО: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти против претседателот, Пендаровски пак, им посака добро здравје на сите граѓани

Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек, истака претседателот Стево Пендаровски на почетокот во годишното обраќање во Собранието на Република Северна Македонија, додека пред него стоеа пратениците од опозицијата со транспаренти во рацете проив него и против премиерот Заев.

Тој изрази сочувство до најблиските на сите кои ги загубија животите како последица на пандемијата со ковид-19 и ги замоли присутните во собраниската сала да оддадат почит со едноминутен молк на 2169-те сограѓани кои ја загубија битката со вирусот.

Притоа изрази благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

– Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно, на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нѐ обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите, рече Пендровски.

Пандемијата, како што посочи, требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас.

– Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија, додаде претседателот.

Во своето обраќање Пендаровски потсети дека државата речиси девет месеци остана без функционално Собрание и мораше за прв пат од нашата независност, да биде воведена вонредна состојба за да овозможиме системот да функционира, економијата да преживее, а Владата да има поширок правен простор да им помогне на граѓаните и на стопанските субјекти кои беа најтешко погодени.

-Сите ги паметиме мачните сцени, дури и во некои од најмоќните држави на светот, каде што луѓето чекаа пред вратите на болниците во кои немаше слободен кревет. Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но, секоја објективна анализа ќе покаже дека државата, генерално, ја менаџираше состојбата со пандемијата на рационален начин со планска дистрибуција на ограничените ресурси кои ни се на располагање, со што избегнавме колапс што веројатно ќе значеше поголем број на жртви и заболени, истакна шефот на државата.

За време на пандемијата, како што потсети претседателот, организираме парламентарни избори, на кои околу 940.000 луѓе го искористија своето право на глас, но, масовната бројка на гласачи не беше причина за ширење на вирусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот