ВИДЕО | Озонската обвивка рапидно се оштетува: Над Антарктикот се појави дупка голема колку Русија и Кина заедно

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Дупката во озонската обвивка над Антарктикот оваа година е една од најголемите досега, покажаа сателитски податоци. Експертите веруваат дека големата празнина во заштитниот слој на Земјата е предизвикана од ерупцијата на подводниот вулкан Тонда на почетокот на 2022 година, пишува „Лајв саенс“ (LiveScience).

Озонската обвивка е слој во Земјината атмосфера на височина од 15 до 30 километри над површината, каде што е видлива концентрацијата на озон (вид на молекула на кислород со три атоми наместо два). Озонската обвивка го блокира штетното ниво на ултравиолетово зрачење од сонцето, кое е неопходно за да преживеат многу организми, вклучително и луѓето.

Во 1985 година, истражувачите забележаа појава на големи дупки во озонската обвивка над половите на Земјата и заклучија дека големите количини на хлорофлуоројаглероди (CFC), хемикалија што се користи во дезодоранси, материјали за пакување и фрижидери, го осиромашуваат нивото на озон. Ова доведе до забрана на CFC во 1989 година, по што озонската обвивка се опорави.

Сепак, озонските дупки сè уште се појавуваат во поларните региони во текот на зимските месеци, кога студениот воздух создава поларни стратосферски облаци кои го осиромашуваат озонот.

Оваа година дупката во озонската обвивка над Антарктикот го достигна својот максимум на 16 септември, кога окупираше 26 милиони квадратни километри, соопшти Европската вселенска агенција (ESA), која ја следи преку сателитот Коперник Сентинел-5П. Таа област е со големина на Северна Америка, три пати поголема од Бразил, односно колку Кина и Русија заедно. Таа е двојно поголема од Антарктикот.

– Дупката во озонската обвивка во 2023 година почна да се формира рано и рапидно се зголемува од средината на август. Ова е една од најголемите дупки што се измерени – изјави Антје Инес, истражувач во Европскиот центар за временски прогнози со среден опсег.

Дупката би можела да биде резултат на ерупцијата на вулканот Хунга Тонга, кој бил моќен колку 100 нуклеарни бомби фрлени врз Хирошима. Во август минатата година, научниците предупредија дека ерупцијата може да ја дестабилизира озонската обвивка бидејќи повеќе од 50 милиони тони вода беа лансирани во горниот дел од атмосферата.

-Сега се чини дека нивните предупредувања беа точни. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврди тоа – рече Антје Инес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот