ВИДЕО: Нереалниот Лука Дончиќ – собори два „трипл-дабл“ рекорди втор натпревар по ред

Словенечкиот кошаркар на Далас маверикс, Лука Дончиќ/фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Нема епитети со кои може да се опишат подвизите на Лука Дончиќ од натпревар во натпревар. Откако пред два дена во победата на Далас над Мајами (114:108) израмни еден и постави два „трипл-дабл“ рекорди во НБА лигата, во триумфот над Детроит (142:124) продолжи во ист тон.

Против Хит постигна 35 поени и имаше по 11 скока и асистенции. Тоа беше негов петти последователен меч во кој оствари „трипл-дабл“ со минимални 30 поени, израмнувајќи се со Расел Вестбрук. Во 2017 година додека настапуваше за Оклахома стана првиот и до петок беше единствениот што го направи овој подвиг на дури пет натпревари по ред во најсилната лига на светот.

Словенецот направи два подвизи кои никој пред него не успеал да ги направи. За најдобриот стрелец на НБА тоа беше четврти натпревар во низа на кој имаше „трипл-дабл“ со 35 поени, со што стана прв во историјата со ваква серија. Дополнително, Дончиќ со својот учинок на оваа игра стигна до нереален просек од 37 поени, 11 скока и 10 скока на последните 15 натпревари. Тој е првиот во историјата на НБА кој го направил тоа.

Сега против Пистонс Дончиќ постигна 39 поени (13/24 од поле) и имаше по 10 скока и асистенции. Така, тој повеќе не го дели првиот од споменатите рекорди со Вестбрук, туку стана првиот НБА играч кој постигнал „трипл-дабл“ со 30 поени во шест последователни натпревари. Дончиќ затоа го собори рекордот на Вестбрук, кој го израмни пред два дена, но го надмина и својот, кој исто така беше поставен завчера. Ова му е петти натпревар во низа на кој успеа да оствари „трипл-дабл“ со 35 поени. Тој е пред Вестбрук и Оскар Робертсон, кои успеаја да одиграат три вакви последователни натпревари.

Да повториме, Дончиќ собори два НБА рекорди на еден натпревар само два дена откако едниот го израмни, а го постави другиот.

НБА лига, резултати

Шарлот – Бруклин 110:99
Детроит – Далас 124:142
Голден Стејт – Сан Антонио 113:126
Феникс – Бостон 107:117
Денвер – Јута 142:121
Портланд – Торонто 128:118 (по 1 продолжение)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот