ВИДЕО: МЗТ испушти шанса да биде прв во регуларниот дел на АБА 2 лигата

фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

Во големото дерби на 12 коло во АБА 2 лигата се сретнаа МЗТ Скопје Аеродром и водечката екипа во ова натпреварување, Златибор. Кошаркарите на актуелниот македонски шампион имаше и игра и резултат, но сето тоа го „потроши“ во последната четвртина, а загуби во екстра периодот од пет минути (90:85).

МЗТ предводен од Американецот Гилон врза шест поени за почетно водство од 10:4. А за седум минути, Гилон веќе имаше и двојно повеќе реализации. Даде 12 од 18 поени за „сино-белите“ кои поведоа и со 18:12.

Во вториот период, Златибор направи пресврт и дојде до позитива (22:20). Но, само за кратко, затоа што следуваше серија на поени за МЗТ (11:0), која ги донесе до предност од девет поени (31:22). Во тој дел од играта двете екипи погодуваа во серии, а во наредната Златибор се доближи на (33:29). Но, уште еднаш аеродромци влегоа во своја серија, коај ги донесе до двоцифрен плус кој го имаа на полувремето (42:32).

Во третата четвртина играчите на Атанасов имаа и уште поголема позитива. На средината од тој дел од играта, имаа „плус 15“ (54:41). Сепак, во последната влегоа со доста пониски, но сосема солидни (63:54). Период од играта во кој противникот одново имаше „свои минути“. Ги искористи за ново доближување. Со серијата од 7:1, „златиборци“, за кратко време, намалија на 61:64. Дури и поведоа, со 72:66 во последните две минути.

Но, прво Баковиќ, а потоа и Дамјан Стојановски го донесоа МЗТ Скопје во нов егал (72:72), и продолжение од пет минути. Екстра период во кој нашиот шампион остана пократок за пет поени, но и за една голема шанса, да се вклучи дури и во трката за првата позиција на табелата во пресрет на последниот круг од натпреварите во кој ги чека дуел со домаќинот на овој турнир – екипата на Широки.

Вака, по 12 одиграни мечеви, екипата од Аеродром е на ефект 8-4, и ја чека голема неизвесност околу конечниот пласман пред последниот натпревар на турнирот, во недела од 18.00 часот. На овој, статистиката вели дека со 25 поени, но и девет асистенци и пет скока, Гилон беше најдобриот поединец кај скопските „сино-бели“. Делалиќ го заврши мечот со 21 поен и девет скока, а Д. Стојановски и Танасковиќ имаа по 14.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот