ВИДЕО | Магионичар, музичар и мајтапџија: Гого Реквием како Петар Пан го чува и негува детето во себе и со својата магија никого не остава рамнодушен

„Магионичарството е почитувана професија, само не кај нас“

Денеска ќе се обидеме да ви ја доближиме магијата од секој неjзин аспект. Како изгледа магијата, какви магии постојат, кои се најпознатите магионичари во своите категории и кој е „менталистот“ од овие простори кој е најдобар во својот „занает“.

Роден и израснат во Хрватска, Георги Гавровски, во 1994 дојде во дедовината и почнува да  „прави магии“ и компонира музика во Македонија. Понекогаш и медитира. И за себе вели дека е „мајтапџија“. Премногу М во неговиот живот, а Гого е познат и по музиката како пејач и клавијатурист во бендот Реквием, но со магијата е препознатлив и уникатен и пошироко од овие граници.

– Не постои магија, не постои ништо натприродно, за сè постои логично решение како да се направи, или сето тоа ми е само работа да ти го кажам дека е нормално, вели Гого.

И не знам дали тој направи некаква магија за да ни крчи звукот на видеата, но сигурна сум дека за она кое го видовме со свои очи, немаме логично објаснување. Нашиот „Петар Пан“, како што самиот себе се доживува, успеа да нè остави во чудење и воодушевување, само како што малите деца знаат да се „чудат“, а тие, се неговата најомилена публика, каде и да се наоѓа во светот.

Гого вели дека секој од нас треба да го чува и негува детето во себе, а самиот тој не сака никогаш да порасне. Не сака да има периоди во денот кога мора да се раководи според определени правила и временски ограничувања, на типичното „морам“ кај возрасните: морам да станам во 8 часот, морам да одам на работа, морам да стигнам до 12 часот со задачата и така натаму. Иако, се разбира дека исполнува определени обврски, но тоа не е неговото секојдневие и, како што вели самиот, не сака да влезе во барабан кој ќе го „сомеле“.

Како самиот тој бил „маѓепсан“ од магијата на околу 8 години, во шоуто на Биг Лале, раскажува на свој неповторлив начин, во видеото најдолу. Најзначајно е тоа што Гого не бил импресиониран од самата магија, туку од реакцијата на оној врз кого била направена таа. И тогаш знаел дека ќе се занимава со нешто кое ќе предизвикува токму такви реакции кај луѓето, имено дека ќе ги прави луѓето среќни преку својата работа.

Магионичарски ефект 1: Жените се секогаш во право!

Магионичарството, пошироко во светот не е признаено како уметност во контекст на тоа да има официјална академија во која може да се учи магија и за тоа да се добие универзитетска диплома. Но, за разлика од високо развиените земји каде нивните министерствата за култура го имаат магионичарството на листата на уметности, во Македонија не е признаена во ова министерство како уметност. Во Лас Вегас постои академија на Џеф Мек Брајд, каде што се добиваат сертификати за магионичари. На оваа академија може да се влезе или ако „дебело“ платиш, или, како во случајот на Гого, добиеш стипендија.

Во 2014 година тој ја добил оваа стипендија, бидејќи во 2013 година станува шампион на Балканот во ментализам (каде во жирито бил самиот Џеф Мек Брајт) и потоа конкурира за академијата со видеа. За разлика од останатите, кои добиле стипендија за да научат нешто, Гого ја добил за да покаже што знае, имено, да биде професор на таа академија.

На Балканот, па и во Европа, не постои слична школа за магионичари, иако, реномирани магионичари имаат свои помали училишта каде децата изучуваат магија. Што се однесува до Гого, тој порано ги учел другите за магија, но моменталните обврски не му дозволуваат ангажмани и посветеност на ова. Вели дека за да научиш магија, мора да поседуваш извесен талент, исто како во која било друга уметност, или спорт. Самиот тој сакал да биде кошаркар, како што раскажува во негов стил: „од 10 шутирања, 25 ги промашувал“. Инаку, тренирал ракомет и бил најдобар пикер во лига но не ја продолжил спортската кариера.

Во периодот од 2009 до 2015 година, функционирала Нова македонска асоцијација на магионичари, а во периодот додека Гого бил претседател на истата, како што вели, „искинал живци“ во обидите да го внесе магионичарството како уметност во Министерството за култура. Во тој период, работел сè, освен магионичарство. Затоа „кренал раце“ од обидите да промени нешто во оваа насока, бидејќи смета дека е потребно време за „освестување“ на нашиот менталитет.

– Кај нас, со потсмев се гледа на оваа професија, додека во САД на пример, буквално ти се поклонуваат кога ќе чујат со што се занимаваш, бидејќи станува збор за многу редок талент. А колку таму магионичарството е почитувано, само еден пример е тоа што последните 5-6 години во шоуто „Америка има талент“ победуваат токму магионичари, вели Гого.

Магионичарски ефект 2: Лотарија

Во магионичарството нема крајно ниво на усовршување, секогаш има нешто ново да се научи и совлада. На пример, доколку во светот годишно излегуваат 5.000 нови модели на автомобили, во магионичарството излегуваат 50 000 нови ефекти. Инаку, магионичарството е поделено на повеќе категории: ментализам, close up (од блиску), големи илузии, комична магија, општа магија и картомагија. Инаку, разлика помеѓу магија, трик, илузија, ефект, не постои, сите тие зборови се синоними за исто нешто. Гого е Балкански првак во ментализам (2013) и вице шампион во „close up“ во 2015 година, кога го замолуваат да стане дел од бордот на претседатели на Балканската федерација и да не се натпреварува повеќе, бидејќи останатите магионичари се повлекувале кога ќе дознаеле дека Гого е дел од натпреварувачите. Од 2015 година тој е дел од интернационалното жири на овие на натпревари.

Во светски рамки во категоријата на ментализам Гого го издвојува Дерен Браун, во „close up“ на пошироката јавност е познат Чин Лин, победникот на „Америка има талент“, во големите илузии го издвојува Кристијан Фарла, кој го држи светскиот рекорд на правење 10 – 15 големи илузии во период од 10 минути, потоа единствениот магионичар кој има биста во магичниот замок во САД, познат како „Професорот“ на целиот „close up“ – Даи Вернон. Модерната магија пак, вели Гого, не може да се замисли без Дејвид Блејн и Дајнамо, а таткото на сето претходно набројано е, се разбира, Дејвид Коперфилд – таткото на модерната сценска илузија. Во магионичарството постојат луѓе кои ги осмислуваат ефектите и луѓе кои ги изведуваат, односно ги работат тие ефекти. Пример за првите е Даи Вернон, додека за вторите е Дејвид Коперфилд. Осмислувачите на ефектите, јавноста најчесто никогаш не ги дознава кои се, освен ако сериозно не почне да пребарува по интернет.

Ова беше нашето разбирање на сè што ни раскажа Гого, а се обидовме да го пренесеме на најразбирлив можен начин. Сепак, начинот на кој тој зборува, „мајтапот“ кој е негова специфичност, гестикулациите својствени за еден магионичар, не можеме да ви ги пренесеме во зборови. Затоа, во продолжение е видеото од целиот разговор со музичарот, магионичарот и мајтапчијата Гого – Реквием. Уживајте!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот