ВИДЕО: Касами отвори улица во Тетово над која се вееше знаме на таканаречена Голема Албанија

Фото: Слободен печат

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами попладнево сечеше лента на реконструирана улица во Тетово во близина на селото Мала Речица. Но над улицата се вееше државното знаме на Албанија и знамето на таканаречена Голема Албанија.

Касами се огради од овој чин како и минатиот пат кога со истата декорација беше пречекан во Тетово косовскиот премиер Албин Курти.

Изјави дека општината се занимава со тоа што и е обврска, подобрување на патната инфраструктура во градот. Поставеното знаме на таканаречена Голема Албанија за Касами е реакција на граѓаните.

„Тоа е реакција на граѓание во однос тоа што власта го има кон нив, значи ова нема врска со општината и со нашата организација. Тоа што има врска со нас е промовирање на овој пат, како што нема врска поканата за на суд во делот на организацијата на настанот во Тетово оти сите знаеме дека протоколите кои беа во рамки на општината беа испочитувани, односно имаше истакнати знамињата согласно законот. Затоа пораката до власта е да не се занимаваат со граѓаните да не ги провоцираат дека има реакција. Општина Тетово се занимава со тоа што и е обврска, другиот дел е акција и реакција“, рече Касами.

Власта треба да биде агилна и да се посвети на расчистување на случаите кои многу луѓе завија во црно, тогаш и не би имала време да се занимава со поставување на знамиња, смета Касами.

„Знаете дека реакцијата на целиот државен врв и на власта беше дека јас треба да одговорам и за жал многу брзо правните институции, јавно обвинителство, полицијата, презедоа мерки. Ако оваа правна држава е така агилна за случаите каде изгореа луѓе каде луѓе лежат во затвори заради монтирани случаи како што се неколку во државата, тогаш сигурно не би имала време да се занимаваат со вакви ситуации. Јас сум цврсто убеден дека тоа е политичка порака до мене и до сите кои мислат спротивно на оваа власт, дека ако работаат спротивно на нивните партиски интереси и на нивни лични интереси, ќе ја имаат мојата судбина. Но, веќе не само јас туку и граѓаните не се плашат на ваквите уцени и закани, луѓето се веќе убедени дека мора да има промени во централната власт за да има можност да им се подобрат условите, рече Касами.

Инаку Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами на својот фејсбук профил вчера ја објави поканата за во Основниот суд Тетово во врска со дочекот на премиерот на Косово Албин Курти каде пишува дека не постапил согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

Во поканата стои:

„На ден 11.08.2023 година на градскиот плоштад при организираниот дочек на странска делегација и преставници на Владата на Косово предводена од Албин Курти при самото доаѓање на градскиот плоштад на поставена бина беше интонирана химната на Албанија при што не беше интонирана химната на РС Македонија. Воедно на бината каде што се одвиваше манифестацијата истакнати се знамиња на Р.Косово и Р.Албанија без притоа да се истакне државното знаме на РС Македонија. Горе пријавеното правно и одговорно лице во правно лице не постапиле согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РС Македонија при што при официјалната посета на странската делегација не ја интонирале државната химна како и не го истакнале државното знаме на РС Македонија“, стои во поканата на Основниот суд Тетово испратена до Касами.

На Касами му стигна покана за на суд, при дочекот на Курти не постапил согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот